
Премиерот Емил Димитриев вечерва по повод муслиманскиот верски празник Рамазан Бајрам приреди Ифтар вечера за членовите на Владата од исламска вероисповед во Клубот на пратениците. На Ифтар вечерата присуствуваше и Поглаварот на Исламската верска заедница, реисот Сулејман Реџепи.
Димитриев на присутните им посака празникот да го дочекаат во убаво расположение, а деновите во пост лесно да ги минат.
Ова се денови на пост кога нашите сограѓани и пријатели се спремаат за празникот Бајрам. Како верник знам дека сите вери проповедаат соживот, меѓусебно разбирање, тоа е богатство кое Република Македонија го негувала и кое треба да продолжиме да го негуваме, бидејќи добриот познавач на верата е добар сосед, добар граѓанин. Се надевам дека младите генерации ќе бидат упатени во она што сите вери го проповедаат. Верата зборува преку зборовите за меѓусебно разбирање, толеранција, помагање…се надевам дека и празници на муслиманите и христијаните ќе ги празнуваме заеднички и дека ваквите средби ќе бидат пример за идни вакви видувања, нагласи премиерот.
Поглаварот на Исламската верска заедница, реисот Сулејман Реџепи му се заблагодари на Димитриев што одлучил да приреди Ифтар вечера и да ги собере сите.