
Турската полиција денеска уапси 13 осомничени џихадисти, во рамки на одвоени акции против ќелии на групата Исламска држава (ИД) во градовите Истанбул и Измир, јави агенцијата Анадолија.
Акциите следуваат по завчерашниот терористички напад на истанбулскиот аеродром „Ататаурк“, при кој загинаа 42 лица, а над 230 беа ранети.
Според извори во турската полиција, припадници на полициските антитерористички единици и на специјалните сили извршиле претреси на 16 локации во истанбулските населби Пендик, Башакшехир и Султанбејли и во три реони во Измир.
Приведените лица се осомничени за врски ИД во Сирија. Тие се обвинети за обезбедување финансиски средства и логистика за ИД и за регрутирање џихадистички борци.
Според турските медиуми, тројца од приведените осомничени џихадисти се странски државјани.
Турската полиција верува дека еден од тројцата бомбаши-самоубијци што го изврши нападот на аеродромот „Ататурк“ е странец.
– Разгледуваме можност дека се вклучени и странци. Можно е барем еден од нив да е странец, но истрагата е се уште во тек, изјави неименуван извор од турските безбеднсни сили.