
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски по повод празникот Рамазан Бајрам упати честитка до Поглаварот на Исламската заедница во Република Македонија, Реис Ул Улема, Хаџи Сулејман Ефенди Реџепи.
Интегрален текст од честитката:
Дозволете ми Вам лично, на членовите на Ријасетот и на сите верници од исламската вероисповед во Република Македонија, од моето лично име и од име на ВМРО-ДПМНЕ, да Ви го честитам големиот празник Рамазан Бајрам.
Бајрамските празнувања од секогаш биле можност да ги потенцираме вредности кои ги носат големите празници и воопшто вредностите кои се темел на исламската, но и на повеќе други религии. Љубовта, помагањето, посветеноста на Бога и воздржувањето од лоши мисли се само дел од таквите вредности во чиј дух поминаа изминатите денови на пост. Духовниот благодет од големиот празник и понатаму нека биде инспирација и водилка за напредок и успех во Вашите семејства и во сите полиња од Вашиот живот.
Дозволете да ја искористам оваа прилика и честитајќи Ви го празникот да апелирам на слога и заедништво во сите области кои се заеднички за нас и нашите граѓани. Заедно и искрено да продолжиме со традицијата која со векови ги одбележува животите на овие простори. Да бидеме пример за соживот, почит и разбирање кои ќе носат само позитивни нешта за нашата држава и за нашите граѓани. Да се вложиме уште повеќе за економски напредок во државата, за привлекување на инвеститори, за развој на бизнисот, за нови фабрики и нови работни места. Да работиме уште повеќе за полесен и поквалитетен живот на луѓето, за напредок на земјоделието, образованието, здравството, културата и сите други општествени сфери. Со заедничка работа да создаваме дела и вредности кои на следните генерации ќе им остават добар пример и позитивни пораки.
Нека е за многу години празникот !
Нека е честит Рамазан Бајрам !