
Вардар ТВ направи прилог со Папуџиева, токму на тема Ракометна Академија и Вардар јуниор лигата.
Вардар ТВ: Сега се подготвувате, а од есен ќе започне Вардар јуниор лигата и Академијата со активностите. А се почна пред две години?
Марија: Пред две години почнавме со Ракометната Академија на Вардар, а со Вардар јуниор лигата една година, што значи сега ќе биде втора сезона. Многу сме задоволни од досегашниот тек на лигата, односно нас ни е важно децата да бидат задоволни. Продолжуваме со тој проект и се надеваме дека годинава ќе бидеме уште подобри.
Вардар ТВ: Децата покажаа дека се импресионирани од она што досега го направивте. Какви се нивните реакции за целиот овој проект по завршување на Вардар јуниор лигата?
Марија: Едноставно, пресреќни и презадоволни. Импресиите се одлични , односно со самото тоа што имаат можност да напредуваат и да бидат дел од пионерските тимови, кадетски или било која друга екипа на Вардар.
Вардар ТВ: Овој проект на Вардар јуниор лига и Ракометната Академија на Вардар е огромен проект и доста работевте да се подготви целиот проектот. Колку вие од првата година сте задоволни?
Марија: Од првата година на функционирањето сме презадоволни и затоа и нашите очекувања се поголеми за годинава. Заинтересираност има. Изненадена сум што и екипи од внатрешноста на Македонија, односно, од Прилеп, Ресен, Битола се заинтересирани да бидат дел од оваа Вардар Јуниор лига. И веќе бројката начелно ја знаеме за оние што се од другите градови.
Вардар ТВ: Тоа е многу интересно, Значи не се вклучени само од Скопје, туку и од регионални единици надвор од Скопје?
Марија: Имаме екипи од Прилеп, Ресен, Делчево, Виница, Кичево. И сум многу среќна што на пример децата од Делчево, Виница и од Прилеп работат со неверојатно одличен стручен кадар и видовме дека на финалните натпревари повеќето деца што се прогласени за најдобар играч, стрелец се токму од таму.
Вардар ТВ: Колку очекувате дечиња во следната сезона?
Марија: Отприлика да биде исто, околу 500 деца во Вардар јуниор лигата. Со тоа што генерацијата 98/99 година веќе нема да постои. Тоа се големи дечиња што не може да напредуваат повеќе од тоа што напредувале досега, но секако можат да останат во клубовите и да тренираат понатаму. Почнуваме од 2000 годиште до 2010 и очекуваме да бројката биде иста, околу 500 деца.
Вардар ТВ: Комплициран проект, но целосно се давате за да биде организиран како што треба. Колку време ви одзема?
Марија: Време одзема многу зашто подготовките за да се направи Вардар јуниор лига, односно Академијата на Вардар да постои и да функционира како и досега треба професионализам и голема одговорност. Досега натпреварите ги игравме во спортскиот центар „Јане Сандански”, но желба ни е да играме натпревари и надвор од Скопје, односно, во Прилеп, Ресен, Кавадарци, Демир Капија каде имаме и нови членови на Вардар јуниор лигата. Па да можат сите деца да почувствуваат различна сала, различна атмосфера.
Вардар ТВ:Вардар јуниор лигата нуди пакет за секое дете. Од што се состои пакетот?
Марија: Пакетот нуди опрема Хумел, натпревари во текот на целата година. Искуството се стекнува со тие натпревари низ лигата. Исто така и турнир што се одржува во јануари за време на зимскиот распуст. Децата присуствуваат на сите натпревари на сите натпревари во Лигата на шампионите на жените, СЕХА лигата на мажите, и националното првенство на машки и женски. И секако дружба со нашите ракометари, ракометарки и нашите докажани тренери Раул Гонзалес, Индира Кастратовиќ, Дејвид Камара, Симе Симовски, Стојан Петрушевски..
Целото интервју на Папуџиева за Вардар ТВ можете да го видите во продолжение.