
Општина Аеродром објави оглас за вработување осум стручни лица со професија дефектолог, психолог и педагог, кои ќе бидат ангажирани за помош на деца со инвалидитет.
Станува збор за проектот „Унапредување на воспитно-образовниот процес и секојдневната грижа на децата со пречки во развојот во училиштата во Општина Аеродром“ во организација на Општина Аеродром, Агенцијата за вработување и УНДП.
Општината соопшти дека лицата што ќе бидат избрани на конкурсот ќе бидат работно ангажирани со скратено работно време од 20 работни часови неделно за период од 6 месеци.
Ангажираните лица ќе бидат задолжени за следење на учениците со пречки во развојот, на кои им е потребна дополнителна стручна помош за успешно адаптирање и ресоцијализација преку најразлични вежби и индивидуална работа.
– Целта на овој проект е, од една страна да ја подобри грижата за децата со попреченост за нивна уште поголема инклузија во образовниот процес и непречено одвивање на сите образовни активности во училиштата и градинките на територијата на Општина Аеродром, а од друга страна, да им помогне на активните баратели на работа (дефектолози, педагози, психолози и други професии од сферата на грижа на лица со попреченост) да се стекнат со професионално работно искуство и вештини, за да станат поквалификувани и конкурентни на пазарот на трудот, со крајна цел намалување на невработеноста во општината и во државата, информира Општина Аеродром.
Огласот трае до 19 август 2016 година, а повеќе детали може да се добијат преку линкот http://aerodrom.gov.mk/vest/1406
Во основните училишта во Општина Аеродром има 74 ученици со попреченост.