
Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, во „Вила Билјана” во Охрид, ја прими канадската поетеса Маргарет Елинор Атвуд, и организаторите на 55. издание на Струшките вечери на поезијата.
Претседателот Иванов, соопшти неговиот Кабинет, на годинешниот лауреат Маргарет Елинор Атвуд и го честиташе признанието „Златен венец”, како една од најпрестижните светски награди, но и како признание за нејзината целокупна поетска дејност.
На приемот македонскиот претседател упатил честитки за успешната организација на оваа поетска манифестација и изразил очекување дека тоа ќе продолжи и во иднина, истакнувајќи дека Струшките вечери на поезијата имаат особено значење за презентација на македонското и светското поетско творештво, и за збогатувањето на македонската култура и за севкупната афирмација на Република Македонија во светот
Годинешното 55-то издание на „Струшки вечери на поезијата“ се одржа од 24 до 29 август, а на него учествуваа 32 поети од 30 земји.
Во 2011 година, претседателот Иванов ја одликуваше манифестацијата „Струшки вечери на поезијата” со Орден за заслуги за Република Македонија.