
Добро е што има договор, но со потписот на СДСМ секогаш треба да се биде внимателен, нагласи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски во неговото обраќање во Клубот на пратениците по потпишувањето на договорот со кој лидерите на четирите најголеми партии се согласија да се оди на избори на 11-ти декември.
Основна цел на ВМРО-ДПМНЕ беше да се дојде до избори и со тоа да се надмине кризата во Македонија. Минатата година СДСМ создаде криза и таа криза ја одлагаше и продолжуваше колку што можеа. Направивме многу чекори за да ги доведеме во ситуација да не можат да ги одложат изборите, да нема каде да бегаат и да мора да се соочат со народот. Успеавме СДСМ да го доведеме во ситуација веќе да не може да ги избегнува изборите и граѓаните да излезат и да си го кажат својот збор. Народот ќе го казни она што СДСМ и го направи на Македонија . Денеска сум задоволен што кончено успеавме СДСМ да го доведеме во ситуација да не може да вади нови изговори и алиби, затоа што се што имаа да кажат, на се се’ одговори. Добро е што тие го потпишаа договорот и кажаа дека ќе излезат на избори на 11 декември. Иако по сите одлагања секој нивен збор и потпис го ставам на резерва, затоа што никогаш човек не може да знае што во меѓувреме ќе направат, рече Груевски.
Груевски го поздрави потпишувањето на договорот и истакна дека сега со тој договор СДСМ веќе немаат никакви изговори да не одат на избори, особено поради тоа што им било прифатено сè што побарале.
Се им беше удоволено и мораа да потпишат и да излезат на избори каде што народот ќе го даде главниот збор. Ние сaкамe да дојдеме до ситуација каде граѓаните ќе го дадат својот збор и тие да одлучат. Граѓаните гледаат кој работи, кој се бори за државата, кој работи д асе создадат дела, да се донесат инвестиции, а кој пак работи за да се направи деструкција, кој работи во правец на правење и продолжување на кризи. Граѓаните на 11 декември ќе излезат и ќе си го кажат своето мислење, каква политичка опција сакаат да ја води Македонија во иднина. Политичка опција која што прави кризи, политичка партија која што прави деструкции или политичка опција која што отвора нови работни места и подобри услови за граѓаните, заклучи Груевски.
Одговарајќи на новинарско прашања во врска со набедувањата и заканите дека наводно ВМРО-ДПМНЕ преку Уставниот суд ќе го укинела Специјалното јавно обвинителство, Груевски искоментира дека тоа е дел од веќе видената политика на СДСМ и дека народот тоа веќе го препознава. Како што рече, тоа е редовна реторика на СДСМ пред изборите.
Во наредните 100 дена СДСМ ќе ги слушате секој ден како се чукаат во гради, како се силат, како кажуваат дека сега ќе победат, ќе ни се закануваат, најавуваат што ќе биде, но народот е свесен и зрел да оцени кој политички тим и политичка партија сакаат да ја води Македонија, рече тој.