
Со изградбата на фудбалскиот камп, ФК Вардар доби модерен спортски комплекс на кој веќе ќе нема проблеми околу успешно одработување на подготовките. А, подготовките се многу важен сегмент за успех на првиот тим, за освојување на пехарите, за добро претставување на тимот во фудбалска Европа.
По долго чекање, конечно, најдобриот клуб во Македонија доби свој „дом“, нешто што беше сон на генерации и генерации наназад кои беа дел од Вардар.
Еден од нив, од тие популарни генерации кои освојуваа трофеи со Вардар е сегашниот претседател на клубот Мирко Спасески. Како играч речиси целата кариера ја мина во „црвено-црниот“ дрес, ја носеше и капитенската лента и добро знае што значи овој тренинг камп за сегашноста и за иднината на нашиот тим. Ниту тој не можел да замисли дека еден ден Вардар ќе се издигне на ова ниво како што е сега, ќе има свој тренинг камп, своја академија.
„Кога јас бев дел од Вардар, трениравме на еден терен, на помошното игралиште покрај стадионот и тоа таму тренираа сите генерации, од сениорите до младинците и сите помлади екипи. Имаше само две соблекувални, и често термините ни се поклопуваа со младинците, па тие мораа да ни го отстапат теренот. И во последните години Вардар имаше проблеми со наоѓање на терени за тренинзи, се до доаѓањето на г-нот Сергеј Самсоненко кој што го направи овој тренинг камп за кој сонуваа многу генерации. Со изградбата на кампот, Вардар доби одлични услови за работа, најдобри не само во Македонија, туку и пошироко. Ние кои во минатото сме биле во Вардар не можевме да замислиме да тренираме во вакви услови какви што се сега“, изјави Спасески.
И не само првиот тим, туку сега имаат каде да тренираат и помладите категории, меѓутоа инфраструктурата на ФК Вардар нема да застане тука, туку натаму ќе се проширува со изградба на музеј, фан-шоп…
„Исто така Вардар доби и фудбалска Академија по светски стандарди на која сега веќе ниту младите категории нема да се грижат каде ќе тренираат. И тие добија свој терен, свои соблекувални, а како што е познато таму ќе се гради уште една зграда во која што ќе бидат канцеларии за потребите на тимот, како и музеј на Вардар и фан-шоп. Навистина со сето ова што ќе го има, Вардар го следи теркот на модерните европски клубови. Условите сега се феноменални. Пред неколку денови беше екипата на Раднички и беше воодушевена од условите на Вардар“, рече нашиот претседател.
Тренинг кампот на ФК Вардар го има сето она потребно за еден клуб да напредува во иднина.
„Тренинг кампот е направен по примерот на модерните европски клубови. Има кујна, ресторан, место за одмор на играчите, потоа за рехабилитација, џакузија, одлични соблекувални и она што е најважно два терени. Едниот со вештачка и едниот со природна трева, на кои што фудбалерите ќе можат мирно да ги обавуваат секојдневните обврски, тренинзи. Таму ќе можат да се хранат, да одмораат… Вардар, конечно, го доби она што беше сон на сите поранешни генерации. “, вели Спасески кој додава дека ужива кога го посетува кампот.
„Кампот е направен на мирна локација и едноставно уживам кога сум таму и секое слободно време го минувам во него и ги следам сите тренинзи на нашата екипа“, додаде Спасески.
Спасески вели дека очекува целата инфраструктура, тренинг кампот како и фудбалската Академија треба да донесат подобра иднина во клубот.
„Се разбира дека идните генерации, идните фудбалери имаат каде да тренираат и нема да „лутаат“ како што тоа го правеа порано кога бараа терени низ Скопје за да работат и да ги градат своите кариери. Тој проблем е решен благодарение на г-нот Сергеј Самсоненко кој што направи одлична инфраструктура откако го превзеде клубот и тоа треба да донесе добра иднина, добри резултати и се разбира трофеи во витрините. И младите генерации сега имаат каде да тренираат и од тоа исто така ќе има бенефит не само Вардар, туку и целокупниот македонски фудбал. Од таму треба да произлезат идни фудбалери на Вардар но и идни репрезентативци“, додаде Спасески.
Претседателот на Вардар вели дека е почестен со својата улога во оваа екипа…
„Мојата цела кариера па и мојот живот некако е врзан со Вардар. Многу го сакам овој клуб уште кога играв во него, и пред неколку години некој да ми кажеше дека еден ден ќе бидам претседател немаше да му верувам. Ако во минатото сонував да играм во Вардар, сакав и по завршување на кариерата еден ден да бидам понатаму дел од Вардар и сум благодарен на укажената шанса. Сега ми се оствари и тој сон во една нова улога како претседател. Почестен сум што работам во ваков клуб, кој што доби вакви услови во последните години за кои ние сонувавме. Сите од раководството и јас како претседател се вложуваме Вардар секојдневно се повеќе да се развива“, вели тој.
И за крај Спасески уште еднаш ги истакнува целите и амбициите на клубот, а тие се јасни: титула и пехар во Купот, но нашиот претседател посакува и нешто повеќе од двојна круна.
„Секогаш од Вардар се бара првото место, секогаш се бара титула. Така е и оваа сезона, и мислам дека имаме екипа за да ја одбраниме. Очекувам и пехар во Купот на Македонија. Тоа би значело двојна круна. Јас кога ја завршував кариерата во Вардар, ја завршив со двојна круна. Сега посакувам и како претседател да се повтори тоа. Исто така една од желбите ми е да го видам мојот омилен тим да го видам во групите од Лигата на шампионите. Се надевам дека тоа ќе се оствари што побрзо. Сега кога Вардар ги има сите услови, и понатаму ќе се развива, очекувам еден ден да бидеме дел од Лигата на шампионите и дека ќе се оствари сонот на многумина“, заврши Спасески.