Темелна реконструкција на градинката во Бутел 2

Општина Бутел ја привршува темелната реконструкција на детската градинка во Бутел 2. Станува збор за комплетно менување на стариот покрив со нов од пластифициран лим. Ќе се стават нови олуци и нова громобранска лента.

Бидејќи постојниот објект нема никаква изолација, ќе биде поставена целосно нова изолација, а градинката ќе добие и нова фасада. Исто така, ќе бидат заменети и сите врати и прозори.

Во третата фаза ќе биде реализирано ентериерното уредување и опремување на детската градинка која ќе биде со капацитет за 150 деца.

Во моментов забрзано се интервенира на забавишниот простор, кој итно треба да се адаптира и пренамени за да може во него да се прифатат околу 80 деца од матичниот објект во Скопје север, кој претрпе поголеми оштетувања од земјотресот.

Инаку, откако општина Бутел ќе ги добие конечните инструкции од ИЗИИС, веднаш ќе отпочне со санација и на оштетениот објект.

За реконструкција на градинката во Бутел 2 ќе бидат потрошени над 3 500 000,00 ден. обезбедени од буџетот на општина Бутел.

Да потсетиме, дека пред еден месец беше пуштена во употреба новата градинка во Радишани, со капацитет за 150 деца. Исто така, во тек е изработката на документацијата за изградба на трет нов објект, детска градинка во населбата Живко Брајковски.