
Меѓутоа, наоѓајќи се во овој прекрасен крај, преполн со природни убавини, ние истовремено се наоѓаме и во историски најзначајниот крај на Македонија, во славната Мијачија, која ги дала нашите најзначајни народни будители, општествени дејци, духовници, писатели, градители, уметници. Доволно е само да се спомне дека во оваа знаменита историска област се сместени легендарните Галичник, Лазарополе, Гари, Тресонче, родните места на цутот на Славјано-македонската преродба од деветнаесеттиот век.
Тука започнала националната пробуда, тука биле отворени првите народни училишта,
тука бил и зародишот на современата македонска држава. Затоа, Македонија не
смее никогаш да го заборави овој свој, ќе го наречеме епски крај, бидејќи тој е
навистина срцето на нејзиниот бит.
„Куќа на Мијаците“, идејно осмисленa од страна на игуменот на Бигорскиот Манастир, Неговото Високопреподобие, Архимандрит г. Партениј и изграденa во духот на мијачката градителска традиција, има за цел да ја презентира токму мијачката култура, од сите нејзини аспекти: архитектура, историја, уметност, носија, храна.
На отворањето на овој нов комплекс Мијачки Ан, кој се наоѓа во близина на манастирот „Свети Јован Бигорски“, настапи ансамблот „Македонија“.
Уметниците ја воодушевија публиката презентирајќи традиционални мијачки песни, а преку звуците на зурлите и тапаните и изведбата на најпознатото мијачко оро „Тешкото“ потсетија на некои заборавени времиња и го оживеаја духот на Мијаците.