
Еден од најдобрите македонски кошаркари Тодор Гечевски својот проштален натпревар ќе го одигра в петок (30 септември) на ревијалниот меч меѓу неговиот последен клуб во кариерата Работнички и гостинот од Турција, Фенербахче.
– Натпреварот ќе го одбележи седумдесетгодишното постоење на нашиот најтрофеен кошаркарски клуб, а центарот Гечевски по две децении успешна кариера во земјата и странство ќе се збогува од кошарката, соопштуваат од Работнички.
Гечевски својата кошаркарска кариера ја започна 1995 година, во Тиквеш, а од македонските клубови настапуваше и за Работнички, Николферт и МЗТ Скопје. Врвот на својата кариера го достигна во Задар, а во странство има играно и за Хаген, ПАОК и Ер Авелино.
Тој беше дел и од македонската репрезентација и на ЕП во Литванија 2011 година кога „црвено-жолтите“ го освоија 4.место.