Над 70 отсто од загадувањето на воздухот посебно во зимски услови доаѓа од типот на горивото кое се користи при загревање на домовите, поточно од греењето на дрва, покажува последната студија која Министерството за животна средина ја изработило, а во која се третирало аерозагадувањето посебно во поголемите градски средини.
Во насока на зачувување на животната средина и здравјето на граѓаните, градоначалникот на град Скопје, Коце Трајановски, најави субвенционирање на граѓаните за купување на печки на пелети за 2016 година. Мерката предвидува надоместување на 70% од вредноста на печката, но не повеќе од 30.000 денари. Со неа нема да бидат опфатени домаќинствата кои имаат приклучок на градското централно греење.
Со оглед на тоа што една од главните причини за загадување на воздухот во градот Скопје е затоплување на домовите со дрвја, остатоци од мебел и други несоодветни горива со оваа мерка сакаме да стимулираме при затоплувањето граѓаните на град Скопје да користат пелети. Затоа во пресрет на претстојната зима и почетокот на сезоната на затоплување на домовите, му предложив на Советот на Град Скопје на денешната седница да донесе Програма за субвенционирање на граѓаните на подрачјето на Град Скопје за купување печки на пелети за 2016 година, посочи Трајановски.
Мерката ја поздравија како од Министерството за животна средина и просторно планирање, така и од невладиниот сектор.
Според Државниот секретар во ресорното министерство, Соња Лепиткова, мерката е од исклучително значење и освен за намалување на загаденоста, позитивно ќе се одрзи и на буџетот на граѓаните.
Ова е една од најважните еколошки мерки за намалување на загадувањето на воздухот во градот Скопје, затоа што ако земеме во предвид дека 70 отсто од загадувањето во змиските месеци доаѓа токму од начинот на загревање на домаќинствата, мерката е од исклучително значење и освен за намалување на загаденоста истата ќе значи голем придонес во буџетот на граѓаните, смета државниот секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање, Соња Лепиткова во изјава за НетПрес.
Субвенционирањето, како што посочуваа таа, нема да се однесува само на набавка на вакви печки, односно еднократна финансиска поддршка, туку и во континуитет на намалување на цената на пелетите, коишто како такви ќе служат за огрев.
Мерењата на загадувањето од последниот месец покажуваат дека во Скопје воопшто нема надминување на дозволените граници на пи-ем честичките и останатите полутанти, што повторно ги потврдува резултатите од студиите дека загревањето е најголемиот проблем за загадување на амбиенталниот воздух. Ако поголем број на граѓани ја искористат мерката и решат да ги загреваат домовите со печка на пелети, ние очекуваме дека загадувањето на воздухот ќе се намали за 30 до 50 отсто, што е голема процентуална бројка“дополнува Лепиткова.
Од невладината организација „Биди Зелен“ посочуваат дека пелетите како енергенс се поефикасни и во значително помала мера го загадуваат воздухот од било кој друг енергенс кој се користи за затоплување на домакинствата.
Мерката за субвенционирање на пелети е далеку подобра мерка од онаа за субвенционирање на дрва која ја имаше еден период. Пелетите како енергенс се покалорични и поефикасни, и секако помалку загадуваат од греењето на дрва или други видови материјали кои се користат во домаќинствата. Одржувањето на печките може да е предизвик, односно отстранувањето на пепелта треба да биде соодветно, а не заедно со комуналниот отпад, како што е обичај досега, посочува за НетПрес, Антонио Јовановски од невладината „Биди Зелен“.
Право на учество на јавниот повик како што појасни првиот човек на градот Скопје, Коце Трајановски, ќе имаат жителите на Град Скопје, кои ќе купат печка на пелети за затоплување на својот станбен простор по денот на објавување на јавниот повик и ќе поднесат Образец за барање за искористување на правото за надоместок.
Заинтересираните граѓани ќе треба да ги достават пополнет образец за барање, кој содржи и изјава дека барателот нема искористено право на поврат на средства за купување печка на пелети, од друг јавен повик од било кој извор во Република Македонија, доказ за жителство во Град Скопје, како и доказ во оригинал дека е извршено купување на печка на пелети, односно фискална сметка.
Едно лице ќе може да поднесе само едно барање за добивање на надоместок, а за пристигнатите барања ќе решава комисија, која ќе има задача да ги провери пристигнатите пријави и да изврши контрола на терен за веродостојноста на набавката и користењето на печката на пелети, т.е дали печката е купена и инсталирана. Исплатата на средствата ќе се врши сукцесивно, според редот на пристигнати пријави, се до исполнување на предвидениот буџет за оваа намена, кој изнесува 5.890.000 денари, но не подоцна од 30-ти ноември, т.е. јавниот повик ќе биде објавен во текот на наредната недела, после објавување на советот во Службен Весник на Република Македонија. Градот Скопје, во зависност од динамиката на пристигнување на пријавите, ќе ја известува јавноста за преостанатите средства, се до нивно целосно исполнување, појасни градоначалникот Трајановски.
Од СДСМ, пак реагираат дека предвидените средства за субвенции не се доволни.
Тоа не е доволно, тоа е симболична мерка, затоа што само во градот Скопје околу 100.000 семејства не се приклучени на системот за централното греење. Со ова мерката само околу 200 семејства ќе можат да ги искористат поволностите и да добијат субвенција за печки за пелети, посочи координаторот на советничката група на СДСМ во Град Скопје, Дамјан Манчевски.
Инаку, пелетите се прават од пресувани остатоци од дрво, а загадувањето од загревањето со печки на пелети во однос на старите печки на огревно дрво е за 20 пати помало. Оттука, замената на стара печка на дрва со онаа на пелети ќе придонесе за годишно намалување на емисијата на штетните ПМ честички од 1.728 милиграми.
Пелетите се обновлив извор на енергија, бидејќи претставуваат дрвена пелевина, имаат ниска цена, лесни се за употреба, даваат повеќе топлина, еколошки се и придонесуваат за заштита на животната средина, па поголемата употреба ќе придонесе за намалување на загадувањето.