
Тој потенцира дека Владата и натаму останува фокусирана за реализација на позитивните насоки кои што се состојат во извештајот, меѓутоа и на забелешките и укажувањата.
И евроамбасадорот Жбогар го дели ставот дека Извештајот може да биде патоказ за институциите, за Парламентот и Владата по изборите и нејзините активности на европска агенда.
– Овде сум повеќе од два, два и пол месеци и со кого и да зборувам во земјата со сите политичари, но и неполитички личности, мислам дека европската агенда е приоритет на сите. Затоа мислам дека таа е нешто што ги обединува сите политички лидери, политички сили, сите луѓе во земјата, истакна евроамбасадорот.
Посочи дека Извештајот е искрен и оти има многу препораки кои можат да бидат искористен од институциите, кога се дискутура за реформите кои се очекуваат по изборите.
Според него, позитивно е што Комисијата повторно препорачува почеток на преговорите иако, како што рече, има одредени услови, прво добри избори, нешто што го очекува и ЕУ и граѓаните, и второ новата Влада и институциите искрено и темелно да работат на реформите.
– На изборите гледаме со надеж дека тие би можеле да бидат почеток на нов процес и овде внатре во земјата, но и нов процес во рамките на Европската унија, додаде Жбогар.
Тој ја искористи можноста во име на Унијата да и се заблагодари на Македонија за, како што рече, исклучително добрата соработка по прашањето на мигрантската криза, изразувајќи надеж за таква соработка и во иднина.