
Обама ги повика приврзаниците на неговата Демократска партија да не бидат разочарани од победата на републиканецот Трамп и да го поддржат во заложбите за „успешно обединување и раководење на земјата“.
Во своето прво обраќање до јавноста по победата на Трамп на вчерашните избори, Обама изјави дека е охрабрен од најавите на идниот претседател дека „ќе допре до сите сонародници“, потенцирајќи дека на САД им се потребни единство, инклузивност и почитување на институциите.
– Сите ние пред се сме Американци и патриоти и го сакаме најдоброто за нашата земја, истакна Обама, повикувајќи ги пред се младите да „останат храбри и да не бидат цинични“.
Тој нагласи дека неговата Администрација ја остава земјата посилна и подобра отколку што била пред осум години и истакна дека е горд на демократскиот претседателски кандидат Хилари Клинтон, за која оцени дека „не можела да биде подобар државен секретар“.