
Министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска се обрати на отворањето на регионалната конференција „ИКТ во агробизнисот“, во организација на МАСИТ (Стопанска Комора за информатички и комуникациски технологии). Дводневната конференција се одржува со цел, да се подигне свесноста кај ИКТ секторот и агросекторот за можностите и потенцијалот за развој и имплементација на информациско комуникациските технологии во агро комплексот во Република Македонија и регионот, во функција на остварување на подобра конкурентност и зголемена профитабилност.
Арсовска Томовска истакна дека Владата на РМ има преземено низа мерки кои се однесуваат на унапредување на земјоделската дејност, но и во однос на обезбедувањето услови за примена на современите технологии во земјоделието: „Од обезбедување на интернет и информатичка инфраструктура по пристапни цени на целата територија на РМ, преку дигитално описменување на населението, можности за финансирање на иновативни проекти во земјоделието и трансфер на технологии – преку Фондот за иновации и технолошки развој, создавање на услови за брзо и ефикасно – едношалтерско отворање на бизнис, односно агробизнис, поедноставени административни процедури за водење на агробизнисот, па се до промоцијата на земјоделската дејност и земјоделскиот бизнис преку електронските медиуми“, истакна Арсовска Томовска.
Според Министерката, организацијата и учеството на работилници, настани и конференции од ваков вид, ќе помогнат за популаризација на придобивките од примената на современите технологии во земјоделството, кое како стопанска гранка учествува со 11% во вкупниот БДП.
Исто така, имплементацијата на технолошки решенија развиени од локалните ИКТ компании ќе придонесе за раст и развој на домашната ИКТ индустрија. Проактивниот пристап на информатичките комори во развојот на оваа економска гранка треба да се примени и на другите гранки, затоа што на користењето на современите технологии во различните бизниси веќе не треба да се гледа како на можност, туку како неопходност за нивен опстанок.