
Mанипулациите и шпекулациите кои во последните две години раководството на СДСМ ги изнесуваше и калкулираше со бројот на фантоми, целосно ги побија од Државната изборна комисија (ДИК).
Оттаму потврдија дека наместо 500.000 фантомски гласачи како што тврдеа социјалдемократите, сега право на глас имаат само 3.000 лица повеќе. Државната изборна комисија го заклучи избирачкиот список, според кој на 11 декември право на глас ќе имаат точно 1.784.416 граѓани. Од нив, според информациите на ДИК, во дипломатско – конзуларните претставништва ќе гласаат 20.573 гласачи, а запишани се 230.122 лица за кои се смета дека се на привремена работа во странство. Ќе гласаат и 13 внатрешно раселени лица, како и 2.015 лица кои се во притвор или во затвор. Во просториите на ДИК, пред изборите, ќе гласаат и 320 лица кои се членови на Избирачките одбори во дијаспората.
Првиот човек на владеачката ВМРО-ДПМНЕ синоќа од говорницата во Кочани, потенцираше оти се покажало дека фантомски гласачи не постојат и дека СДСМ со години го лажела народот само за да ги одложи изборите.
Се сеќаваме кога СДСМ велеше дека имаме фантомски гласачи, дека без тие чистења на списоците нема да излезат на избори, а сега и ДИК кој е целосно партизиран од нивна страна, вели дека списокот не само што е прочистен, туку е и зголемен за 5.000 нови гласачи. Сакам да кажам дека СДСМ го лажеше народот сиве овие години само за да ги одложи изборите. Тие велеа дека нема да излезат на избори доколку не се прочистуваат списоците, списоците освен еднаш се прочистија два пати и повторно не беа задоволни, предложија и нивни методи за прочистување на изборните списоци, за да на крајот се решат на избори, истакна Груевски.
Дека со заклучувањето на списокот, паднале во вода шпекулациите за фантомски гласачи, смета и поранешниот претседател на ДИК, Александар Новакоски.
Со оглед на тоа што ДИК како надлежен орган за утврдување на избирачкиот список излезе со конечна официјална информација, произлегува дека избирачкиот список не претрпел големи промени. Без разлика сали тоа се однесува на фактот дека имало недоволно теренско ажурирање на податоците, мислам дека избирачкиот список нема големи отстапувања, односно тој е во рамките на нормалата. Сметам дека сега веќе кога е потврден избирачкиот список останува на денот на изборите да ја оправда довербата, бидејќи сите сметаат дека со тие 30.000 што се отстранети избирачкиот список е добар. Тој е потврден од единствениот надлежен орган а со тоа падна во вода шпекулациите дека имало огромен број на фантомски гласачи, посочува Новакоски.
Познавачите коментираат и дека по заклучувањето на избирачкиот список, кој покажа дека на 40.000 граѓани кои беа проверувани во изминатиот период, а за кои се докажа дека не биле фантоми, со право негодувале што воопшто биле посетувани од тимови на ДИК.
Поранешниот претседател на ДИК, Новаковски, вели дека може да дојде до тоа некои од лицата кои на некој начин законски се избришани од Избирачкиот список, бидејќи како што вели така наложувал самиот закон, да немаат можност веќе да се запишаат во списокот и да гласаат.
На овој списокот на спорни гласачи се и најдоа лица кои се активни во јавниот и политичкиот живот, кои револтирани од тоа поднесоа и тужби против членовите на ДИК. Универзитетската професорка откако најави дека намера да се пријавува во ДИК и да докажува дека не е фантом поднесе кривични против претседателот Александар Чичаковски и останатите членови на комисијата.
Кривичната пријава ја поднесувам заради тоа што сум противуставно и противзаконски избришана од Избирачкиот список на Република Македонија од страна на членовите на Државната изборна комисија, со што тие ја злоупотеебиле својата положба, напиша тогаш Најчевска на својот блог.
Во изминатиот период функционери на СДСМ излегуваа со различни информации околу бројката на непостоечки гласачи и жители на Република Македонија. Конструкциите на СДСМ за бегство од избори, кои самите ги бараа по две годишната криза во која ги втурнаа државата и граѓаните, почнаа со лагата дека во избирачкиот список имало 200,000 фантоми , т.е. непостоечки гласачи, па се свртеа 300,000 , па 150.000 фантомски гласачи и така ги свртеа сите бројки од 100.000 до 500.000 мислејќи дека со ваквата дезинформација ќе ја збунат јавноста.
Во целиот изминат период од раководството на СДСМ во јавноста изнесуваа манипулации дека во Македонија нема повеќе од 1.600.000 жители, за подоцна да ја надградат манипулацијата дека бројот на гласачи не е поголем од 1.500.000, што се покажа за неточно.
Со затварањето на Избирачкиот список за ВМРО ДПМНЕ се затвори и едно од најсрамните поглавја во историјата на независна Македонија, во кое СДСМ цели две години ја лажеше и манипулираше македонската јавност дека имало половина милион фантоми.
Измислените половина милион фантоми беа главниот аргумент на СДСМ да ја оспорува волјата на народот од изборите во 2014 година и да ја турне Република Македонија во најголемата политичка криза. Новиот избирачки список има 5.000 повеќе гласачи од избирачкиот список во 2014 година. Составот на ДИК, во кој мнозинство има токму СДСМ, потврди дека избирачкиот список сега брои 1.784.524 избирачи за разлика од списокот во 2014 година, кој броеше 1.779.500 избирачи. Единствената забелешка што СДСМ ја достави до ДИК беше листа со 38 имиња на граѓани кои починале, а кои веќе биле избришани од избирачкиот список, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму велат дека СДСМ го подметнала сценариото со избирачкиот список за да иницира криза која потоа би отворила простор за реализирање на големиот план на Зоран Заев, кој подразбира воведување на двојазичност, кантонизација и промена на Уставот.