
Охридско Лето со гордост ги претставува концертите на „Гласот на Јунан“ – светската атракција од Кина која го прикажува диверзитетот и восхитувачката уметност на етнички најбогатата кинеска провинција! Овој музички ансамбл од Пекиншката академија на традиционалната музика гостува во Македонија и тоа со два концерти кои ќе се одржат во Скопје, во Македонска Опера и Балет на 26-ти јануари и во Охрид, во Домот на културата „Григор Прличев“ на 28-ми јануари.
Кинеската музика може да се пофали со историја која се протега и до неколку илјади години во минатото, а токму провинцијата Јунан е позната по исклучително високиот степен на етничка разноликост. Тука припаѓаат најголемиот број на етнички групи помеѓу провинциите на Кина. Од 56-те официјално признати етнички групи на Кина, дури 25 се наоѓаат во Јунан.
Ансамблот „Гласот на Јунан“ е основан од страна на славниот кинески сопран Jin Xiaofeng, а како музички директор се потпишува познатиот кинески композитор Zou Hang. Перформансот на овој ансамбл претставува своевидна музичка галаксија сочинета од изворните звуци и музиката на етничките малцинства во Јунан. Со цел концертите на најдобар и на најавтентичен начин да ги прикажат етно песните и фолклорната уметност на етничките групи од провинцијата Јунан, креативниот тим на овој ансамбл помина многу време во областите од Јунан истражувајќи и собирајќи етно песни и изворни релевантни материјали меѓу самите етнички малцинства. Некои од репрезентативните изведби кои ги вклучува перформансот на ансамблот „Гласот на Јунан“, како што се Танцот на паунот, Танцот на левата нога, Танцот за гозбата и Танцот на Wa малцинството, ќе бидат презентирани на концертот за да се долови убавината на природата и животот кои се содржани во етно уметностите од Јунан.
Покрај тоа, разновидноста на музичките форми кои се претставуваат на концертот како што се поп и светската музика, се изведени од изворната етно музика на малцинствата во Јунан со цел древната музика да се изрази и на нов поинаков начин.
Класичната кинеска музика пренесувана од генерации на генерации е дел од овој перформанс исто како што е и восхитувачки богатата фолклорна култура од различните региони на Кина. Последните археолошки истражувања ја сместуваат оваа музичка традиција со векови пред самото појавување на Европската цивилизација, со што таа е веројатно едно од најдревните пројавувања на човековата културна историја. Концертите на ансамблот „Гласот на Јунан“ во Скопје и во Охрид се во организација на Охридско Лето и презентираат ретко концертно доживување кај нас во автентичниот перформанс изведен од страна на најдобрите фолклорни музичари на Кина.
Двата ексклузивни концерти на „Гласот на Јунан“ ќе се одржат во Скопје и во Охрид. Концертот во Скопје е закажан на 26-ти јануари во Македонска Опера и Балет, додека пак на 28-ми јануари „Гласот на Јунан“ гостува во Охрид, со концертен перформанс кој ќе се одржи во Домот на културата „Григор Прличев“.
Билетите за двата концерти се веќе пуштени во продажба преку продажната мрежа на МКтикетс со цена од 300 денари за концертот во Скопје и 200 денари за концертот во Охрид.