
На изјавата на Павлопулос реагираше и македонското Министерство за надворешни работи.
Во реакцијата се вели:
Секоја земја и нејзиниот народ има неприкосновено право на самоопределување и суверено да одлучува за своето именување и идентитет. Провокација и неприфаќање на реалноста е кога одредени политичари не можат да се соочат со тој факт. Истото е во спротивност на општо прифатените меѓународни принципи и вредностите на европската интеграција. Република Македонија се залага за почитување на демократските начела и слободи за сите земји во нашиот регион во рамки на постојните граници и се спротивставува и го осудува секој облик на иредентизам.
Република Македонија останува цврсто определена и посветена на градење на добрососедски односи и соработка и го очекува истото од своите соседи. Би ценеле претседателот Прокопис да ја посети Република Македонија и непосредно да се запознае со постоењето на македонскиот народ, неговиот јазик, култура и идентитет, кои не претставуваат никаква опасност ниту закана за никого во регионот.
Се додека има потешкотија да се разбере дека живееме во 21 век и дека споделуваме универзално прифатени вредности и човекови права кои подеднакво се однесуваат на секој човек, постои ризик да се остане заробен во минатото, велат од МНР.