
Македонската берза денеска соопшти дека ревидирањето на СЕЕ Линк со нови компоненти е направено кон крајот на минатата година по приклучувањето на Белградската и Љубљанската берза со цел да се обезбеди соодветна претставеност на сите инволвирани пазари на хартии од вредност.
Во СЕЕ Линк индексите сега вклучени се и акциите на Енергопројект холдинг АД Белград и НИС АД Нови Сад од Белградската берза, Горење АД Велење, Крка АД Ново Место, Петрол АД Љубљана и Заваровалница Триглав АД Љубљана од Љубљанската берза.
СЕЕ Линк системот за регионално пренасочување на налозите за тргување стана целосно оперативен на 1 април минатата година, а двата индески SEE LinX и SEE LinX EWI беа лансирани набрзо потоа.
Од Македонската берза информираат дека и Атинската, Бањалуќката и Монтенегро берзата преземаат активности за приклучување кон СЕЕ Линк и оти уште неколку берзи од регионот имаат интерес за пристапување кон проектот.
Системот за регионално пренасочување на налозите за тргување сега поддржува тргување на вкупно пет пазари, со пазарна капитализација од повеќе од 38,5 милијарди долари и повеќе од 500 акции со кои може да се тргува.
Системот има за цел да се зголеми ликвидноста и да се подобри пристапот на инвеститорите и локалните брокери.