
Пред новинарите во Анкара Јилдерим изјави дека човекот во моментов е на распит во полицијата и изрази надеж дека распитот ќе ги открие „силите“ кои стојат зад нападот, во кој загинаа 39 лица.
Премиерот не даде повеќе детали за апсењето или за истрагата што е во тек.
Во меѓувреме валијата на Истанбул Васип Сахин го потврди идентитетот на атентаторот – Абдулгадир Машарипов, роден во 1983 година во Узбекистан, пренесоа британските медиуми.
-Терористот веќе го призна злосторството, соопшти Сахин
Мажот бил обучуван во Авганистан, зборувал четири јазици и отисоците на неговите прсти се совпаднале со трагите останати на местото на нападот, додаде истанбулскиот валија.
Во операциите за трагање по него беа приведени вкупно 50 лица. Во акцијата за негово апсење полицијата уапсила и еден Ирачанец и три жени.
Според Сахин, атентаторот во Турција влегол нелегално во јануари 2016 година.