Харадинај: Дијалог со Белград само ако Србија го признае Косово

Со учество во дијалогот меѓу Белград и Приштина, Косово ја задржува подредената и сервилна позиција кон Србија, изјави лидерот на косовската опозициска партија Алијанса за иднината на Косово Рамуш Харадинај.

Тој истакна дека е против продолжување на дијалогот се додека Србија не го признае Косово, и додаде дека во неговата земја не недостасуваат луѓе кои се подготвени да се спротивстават на преговорите со Белград, пренесува БТА.

– Само едно прашање е отворено за дискусија со Србија – да го признае Косово. Ако Србија е подготвена да го прифати, тогаш можеме да седнеме на маса за преговори. Ако не, треба да чекаме, нагласи Харадинај.

Косовскиот опозициски лидер, кој беше уапсен во Франција на 4 јануари по наредба издадена од Србија, наведе дека неговото апсење е злоупотреба на правосудството.

Србија го обвини Харадинај за воени злосторства за време на конфликтот во Косово од 1998 до 1999 година, и покрај тоа што тој беше суден и ослободен во Меѓунаридниот тибунал во Хаг.

Косово објави независност од Србија во 2008 година, што Белград не ја признава.

Белград и Приштина водат дијалог за нормализирање на односите со посредништво на ЕУ.