Британските пратеници расправаат за посетата на Трамп на Британија

Пратениците во британскиот Парламент денеска расправаат за карактерот на посетата на американскиот преседател Доналд Трамп на Велика Британија, предвидена за оваа година.

Повод за дебатата се собраните 1,8 милиони потписи на петицијата, против тоа Трамп да престојува во „државна посета“ како гостин на кралицата Елизабета, со образложение дека станува збор за протест против „омразата, расизмот и поделбите“ што американскиот претседател се обидува да ги создаде.

Со денешната дебата ќе биде опфатена и другата паралелна петиција што беше покрената за тоа Трамп сепак да биде гостин на кралицата.

За оваа петиција беа собрани многу помалку потписи – 311 илјади, но парламентарните прописи предвидуваат дека Долниот дом е должен да отвори расправа за определено прашање шти ќе биде покренато во јавноста, доколку се соберат над 100 илјади потписи.

Активистите на кампањата против посетата на Трамп, претходно најавија дека ќе се соберат на протест пред зградата на Парламентот во центарот на Лондон, додека трае расправата.

Вакви протести се најавуваат и во Единбург, Манчестер, Ливерпул, Кардиф и Њукасл.

Градоначалникот на Лондон, Садик Кан од опозициската Лабуристичка партија изјави дека Трамп не би требало да биде „награден“ со државна посета, поради неговите, како што рече, срамни и сурови политички решенија.

Конзервативниот пратеник Николас Соамс, меѓутоа, смета дека посета на Трамп е важна за Британија, иако се согласува дека е „контроверзна“.

Спикерот на Парламентот Џон Беркоу претходно изјави дека нема да се согласи во текот на својата посета Трамп да зборува и во Парламентот, инсистирајќи дека „тоа право треба да се заслужи“. За својата позиција Беркоу беше поддржан од сите британски опозициски партии, но беше остро критикува од десницата во неговата Конзервативна партија.

Даунинг стрит 10 соопшти дека Владата ги продолжува подготовките за посетата и дека таа ќе има карактер на државна посета.

Поканата да ја посети Велика Британија, Трамп ја доби за време на јануарската посета на Вашингтон на британскиот премиер Тереза Меј. Таа е критикувана дека избрзала со посетата, особено што ниту еден претседател на САД досега не бил поканет во државна посета на Велика Британија, само седум дена по преземањето на неговата функција.

Претходниот претседател, Барак Обама, за тоа чекаше 758 дена, отако влезе во Белата куќа, а Џорџ Буш, пред него, беше поканет во државна посета по 978 дена минати како претседател на САД.

Трамп уште во текот на предизборната кампања силно го поддржуваше излегувањето на Велика Британија од ЕУ, по што остана единствен во светот. Тоа беше протолкувано како настојување на Трамп да се „растури“ Унијата, иако сега официјален Вашингтон тврди дека силно ја подржува ЕУ.

Во текот на кампањата за изборите за претседател на САД, британскиот Парламент расправеше за тоа да му се забрани влез на Трамп во Велика Британија, поради неговите заложби да им се забрани влез на муслиманите, за депортирање на мигрантите и за изградбата на ѕид кон Мексико, но петицијата што тогаш ја имаа потпишано неколку стотици илјади Британци, беше отфрлена.