Романците повторно на протести

Илјадници Романци повторно излегоа на улиците синоќа, за да ја побараат оставката на владата на социјалдемократите поради нивниот обид да го протнат во крајот на јануари намалувањето на одговорноста за корупција.

Во Букурешт околу две илјади демонстранти се собраа пред седиштето на владата и скандираа „Крадци“ и „Оставка“.

„Сегашната влада загуби секаква доверба. Социјалдемократската партија победи на изборите, ние не го оспоруваме, но таа мора да најде чесни луѓе да ја водат земјата“, изјави еден од демонстрантите.

Околу три илјади луѓе демонстрираа и во градот Клуж со романски и знамиња на Европската унија, според извештаите на медиумите.

Романскиот претседател Клаус Јоханис веќе изјави дека кризата во земјата, поврзана со масовните протести против ублажување на коруптивните практики, треба да биде решена од владејачката Социјалдемократска партија.

„Одлуката треба да биде донесена од оние кои го создадоа проблемот. Тој беше создаден тогаш кога владата се обиде да го измени кривичното законодавство. Овој обид очигледно беше поддржан од Социјалдемократската партија и од таа причина таа е должна да најде решение“, рече тој.

Според државниот шеф протестите против власта продолжуваат, и покрај откажувањето на спорните закони, бидејќи луѓето се уште се незадоволни.

„Тие ја загубија довербата во владата, во Социјалдемократската партија и тие го рекоа тоа јасно на плоштадот, а оној кој има уши, треба да слуша“, рече тој. На прашањето дали владата треба да поднесе оставка Јоханис изјави дека „демонстрантите кажуваат што сакаат и политичарите треба да ги слушнат и да вадат заклучоци“.