Анкара бара административно депортирање на двајцата турски офицери, кои нелегално влегоа во Грција

Анкара побарала административно депортирање, а не екстрадиција на двајцата турски офицери од специјалните единици, кои на 15 февруари нелегално влегле на грчка територија, јави весникот „Вима“.

Според извори на весникот, турското барање содржело многу факти, кои уште на прв поглед покажувале дека двајцата турски воени офицери биле замешани во обидот за убиство на Реџеп Тајип Ердоган во ноќта на 15 јули 2016 година, кога во земјата се изведе обидот за преврат.

„Вима“ прецизира дека административното депортирање е процедура, различна од екстрадицијата.

Весникот потсетува дека грчките власти го отфрлија барањето на Анкара за екстрадирање на осумте турски офицери, кои во Грција влегоа во утринските часови на 16 јули 2016 година, што предизвика остра реакција од турската Влада и дека одигра видна улога во „ескалацијата на турските провокации“ во Егејско Море во последно време.

Согласно грчкото законодавство, адмнистративното депортирање се изведува со полициско решение, независно од постоењето на судска одлука, што подлежи на укинување од Врховниот административен суд.

Двајцата турски офицери, кои во Грција влегоа нелегално на 15 февруари, преку граничен премин во регионот на Еврос, веќе на 20 февруари, од властите во северногрчкиот град Александруполис побараа политички азил.

Владата и компетентните власти во Грција со големо внимание ја следат процедурата, а паралелно со тоа внимателно се разгледува и второто барање на Турција за екстрадирање на првите осум турски офицери. Грчкиот Врховен суд одби да ги екстрадира војниците и сега останува да се види каков може да биде натамошниот развој на оваа судска одлука, пишува весникот „Вима“.