
Улогата на Република Македонија во менаџирањето на мигрантската криза што ја зафати Европа во 2015 и 2016 година, како и предизвиците кои произлегоа и следат од неа беа тема на обраќање на вицепремиерот и министер за надворешни работи Никола Попоски пред групата студенти од Факултетот за безбедност во Скопје, Академијата за криминалистика и полициски студии од Белград и Факултетот за политички науки од Загреб во просториите на МНР.
Во својот говор Попоски посебно внимание посвети на прекуграничната соработка, воспоставувањето контрола на границите, обезбедувањето хуман и безбеден транзит по Балканскиот коридор и спречувањето на илегалната миграција, истакнувајќи ја улогата на Македонија како клучна во заштитата на Шенген системот.
– Имавме три предизвици во текот на мигрантската криза: односите со Грција, која не сакавме да ја оставиме на цедило, негативната медиумска кампања при контрола на границата и недостаток од усогласен настап помеѓу земјите. Од денешна дистанца, видливо е дека пристапивме правилно, истакна Попоски.
Шефот на македонската дипломатија се обрати пред студенти од Скопје, Белград и Загреб кои учествуваат во тридневната регионална студентска конференција на тема: „Прекуграничната соработка во справувањето со заедничките безбедносни предизвици од мигрантската и бегалската криза“, во организација Фондацијата „Конрад Аденауер“, Центарот за истражување и креирање политики и Факултетот за безбедност од Скопје.