
Никогаш сум немал амбиција да се вмешувам во политика, но сега утврдив дека треба да дадам поддршка на она што мислам дека е правилно, изјави водителот Виктор Петров Викса, еден од поддржувачите на протестите „За заедничка Македонија“, во разговор за ТВ НОВА.
„Ја следев шарената револуција од блиску бидејќи работев во радио спроти Влада. Тогаш беше модерно да се собира народ, а сега слушаме нешто сосема друго од тие луѓе, и тоа е она што нервира. Сите ние кои плаќаме данок треба да утврдиме и да се договориме дека имаме заеднички вредности како што се држава, идентитет, почит кон армија, институциите. Институциите не се почитуваа, без тронка свест дека има и такви кои размислуваат поинаку. Луѓето што тврдеа дека треба да се крене гласот, сега пеат друга песна“, истакна Петров.
Рече дека иницијативата „За заедничка Македонија“ се собира секој ден во 17 часот за да ја сподели љубовта за заедничка Македонија, а тоа значи дека сите добронамерни луѓе можат да се приклучат и да го согледаат убавото.
Во однос на повикот што го одби еврокомесарот Јоханес Хан да се сретне со дел од иницијаторите на протестите, Викса вели дека не е во ред еден европски пратеник да не си дозволи да го слушне мислењето на 200.000 луѓе.