
Агенцијата за храна и ветеринарство ги засили инспекциските контроли за безбедност и квалитет на увозните пратки со месо по потекло од Бразил поради избивање на аферата за наводен поткуп на официјални ветеринарни власти и издавање на дозволи за извоз на небезбедно месо. Засилени се и контролите во внатрешниот промет за секоја пратка по потекло од оваа земја, особено за месото кое се користи како суровина во преработувачките капацитети.
Бидејќи истрагата во Бразил се уште е во тек, но и поради фактот што Европската унија чија политика во областа на безбедноста на храна ја следи и Република Македонија, официјално нема донесено забрана за увоз на месо по потекло од оваа земја, Агенцијата за храна и ветеринарство засега нема основа да воведе забрана за увоз на месо од Бразил. Според најавите, ЕУ наскоро ќе испрати свои експерти во Бразил кои ќе извршат контрола и ќе ја оценат состојбата во месниот сектор, по чија проценка, ќе постапи и нашата земја.