
Веќе 33 дена граѓаните поминуваат покрај народната канцеларија на претседателот Ѓорге Иванов, која по нивно барање беше отворена повторно, откако лани беше палена, кршена и крадена при протестите на Шарената револуција. Богдан Илиевски, еден од главните организатори на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, ја повтори поддршката за претседателот.
-Триесет и трет ден по ред поминуваме покрај народната канцеларија на претседателот Ѓорге Иванов, канцеларија која ние повторно ја отворивме, канцеларија, која други ја палеа, кршеа, крадеа, а ние ја славиме секој ден, бидејќи е канцеларија на претседател кој го брани суверенитетот на својата земја. Ја повторуваме нашата поддршка, која не е безусловна, условот е да не престане да го прави тоа што го прави, да не потпаѓа под никакви притисоци и да ја брани оваа земја како што се заколна во неговата заклетва за да ни биде претседател на сите нас, порача Илиевски.