Леар: Фабриката ќе биде затворена додека не се реши случајот со затруените работници

За компанијата „Леар“ ништо не е поважно од здравјето и од благосостојбата на вработените. Ние имаме одлични услови за здравје и безбедност во нашите фабрики. Внимателно ги следиме инструкциите на локалните здравствени власти за да го истражиме овој изолиран инцидент. Фабриката ќе биде затворена сѐ додека не се разреши случајот и додека не се осигуриме дека нема да се повтори, се наведува во соопштението.

Од фабриката посочуваат дека 190 вработени веќе се отпуштени од болница, а за многу кратко време се очекува и останатите вработени да бидат пуштени од болница.

Директорот на Клиничката болница во Тетово, Флорим Бесими денеска изјави дека е формирано координативно тело од сите медицински установи во градот, односно Клиничката болница, Здравствениот дом, Центарот за јавно здравје и Санитарната инспекција и започнати се процедурите за утврдување на причините што довеле до труење на вработените.

Тој истакна дека сите пациенти се жалеле на исти симптоми, односно стомачни тегоби и повраќање и оти сите претходно јаделе макарони со сос со мелено месо.

Меѓутоа, испитувањата чиишто резултати ќе се знаат за 48 часа треба да ја утврдат точната причина за ова, истакна Бесими. 

Денес во фабриката увид извршија и екипи од Основното јавно обвинителство од Тетово, СВР – Тетово и надлежни инспекциски служби.