
Кристеа, која заедно со нејзиниот партнер Андреј Бурназ престојувале во Лондон како туристи, беа меѓу четириесетината потешко и полесно повредени пешаци на мостот во моментот кога ги нападна со своето возило британскиот државјанин Халид Масуд, возејќи по тротоарот со голема брзина.
Романската туристка била директно погодена и од силината на ударот отфрлена преку оградата во водите на Темза, од каде подоцна беше извлечена тешко повредена.
Лекарите на болницата во Лондон во изминатите две недели не успеаја да и го спасат животот.
Нејзиниот партнер, во нападот се здоби само со скршеници на стапалото и пред неколку дена во инвалидска количка го посети местото каде настрада неговата девојка
Во овој терористички напад беа убиени и тројца други пешаци, меѓу кои и еден американски турист, како и невооружен полицаец од обезбедувањето на британскиот Парламент.
Масуд за кого безбедносните власти утврдија дека дејствувал сам во нападот, откако остави мртви и ранети четириесет лица, удри во оградата на дворот од Парламентот и до смрт го избоде со нож полицаецот, пред да биде ликвидиран од специјалните безбедносни сили.
Триесет од ранетите беа префрлени на болничко лекување, а петмина поддолго време се наоѓаа во критична состојба.
Градоначалникот на Лондон, Садик Кан на својата мрежа на Твитер изрази сочувство за смрта на Романката.