ВМРО-ДПМНЕ: Народот му застана на пат на криминалецот Заев и мафијата од СДС

Излезот од политичката криза во државата се нови парламентарни избори, само така граѓаните јасно и недвосмислено ќе може да се изјаснат околу Тиранската платформа, велат од ВМРО ДПМНЕ.

Само така граѓаните на Република Македонија нема да се чувствуваат измамено, се вели во соопштението од партијата.

Според ВМРО-ДПМНЕ, народот ги прочитал лагите на СДСМ и не им дозволил да ги раскрчмуваат највисоките државни и национални интереси.

Албанските партии, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ, потврдиле дека има платформа, а претседателот на СДСМ Зоран Заев има обврска да ја реализира.

Според ВМРО-ДПМНЕ, Заев е уценет и како што стои во соопштението, за да не оди во затвор мора да испорача се што ќе се побара од него, да го смени законот за јазици и да го официјализира албанскиот на цела територија, што ќе претставува вовед во редефинирање на Македонија во бинационална држава, да ги смени банкнотите, униформите и да ги осуди борците од НОБ за геноцид, да отвори дебата за промена на знамето, химната и грбот, да ги отпочне процесите на кантонизација и федерализација како вовед во промена на името на државата.

– Народот го гледа сето ова и храбро одлучи да му се спротистави на злосторничкото здружение во раководството на СДС, се вели во соопштението и се истакнува дека СДСМ е на спротивна страна од народот и гледа непријатели во сите кои си ја сакаат татковината.

Граѓаните, истакнува ВМРО-ДПМНЕ, со право се револтирани и со право се на улиците 40 дена. Тие јасно го кажуваат своето мислење за деструктивната политика која СДС ја води.