Грчки медиуми: Заев ги прифати барањата на Албанците – одбивањето на Иванов го нервира Западот

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски ја отфрли Тиранската платформа, за разлика од Зоран Заев и СДСМ, кои што се согласија со барањата на Албанците, но одбивањето на претседателот Ѓорге Иванов да им го даде мандатот го нервира Западот, кој што ја поддржува креирање на кантони во Македонија.
Како што јавува дописникот на Нетпрес од Атина, ова се дел од тезите застапени во грчките медиуми кои што и натаму секојдневно известуваат за развојот на настаните во Македонија.

Весникот Етнос пишува дека иако „националистичката” ВМРО-ДПМНЕ на чело со Груевски победила на изборите, партијата не може да состави влада поради одбивањето на албанските барања, кои што се прифатливи за СДСМ.

Груевски го отфрли барањето за јазикот, за разлика од лидерот на социјал-демократите, Зоран Заев, кој што е согласен со барањата на албанските партии и се обидува да формира коалиција со нив. Сепак, претседателот Ѓорге Иванов со недели инсистира на одбивањето да го даде мандатот за формирање на коалиција меѓу СДСМ и албанските партии и покрај притисокот што го добива од страна на Европската Унија, тврдејќи дека оваа програма ќе доведе до кантонизација и албанизација на земјата и дестабилизација на регионот. Овој уставен удар му гази по нерви на Западот, при што Брисел јасно стави до знаење дека патот на Скопје кон ЕУ е блокиран и сега размислуваат за санкции, а предупредување стигна и од НАТО, пишува во анализата на Етнос.

НАТО и ЕУ поддржуваат креирање на кантони во Македонија за да го зајакнат своето влијание, се вели во анализата на информативното онлајн издание OnAlert.

  Тирана во секој случај не би можела сама да ги организира случувањата, па некои , а особено Русија, го гледаат прстот на НАТО и на ЕУ насочен кон креирање кантони како во Швајцарија во нашата соседна земја, со цел да го зајакнат своето присуство во регионот, се вели во анализата.

Порталот Zougla, пак, пишува и дека новата американската дипломатија го менува курсот во насока на рестрикција на аспирациите на албанскиот фактор за западен Балкан, а особено во однос на Косово и Македонија.