МНР: Грција нема основа да стравува од македонски иредентизам

Македонското министерството за надворешни работи реагира на вчерашната изјава на грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕијас, според која што Македонија не може да станела дел од ЕУ, се’ додека имала иредентистички тенденции кон Грција.

nikos-kocijas_1
Никос Коѕијас

Проблемот за името не е затоа што имаме една караница за крштевањето на некој, туку затоа што ова име се поврзува со иредентизам, а иредентизмите значат оспорување на границите на еден регион. И не може во современа Европа да се интегрира држава како член на Европската Унија кога има такви иредентизми. Во оваа земја, големиот проблем што постои, но го има и во други држави на Балканот, е она што во нашата надворешна политика го нарековме култура на компромис и консензус, односно дека овие земји често не следат култура на компромис и консензус со своите соседи – рече Коѕијас.

Oд МНР велат дека не постои никаква основа за стравување во Грција од било каков македонски иредентизам.

Истакнувањето на ваква перцепција е во функција на оттргнување на вниманието од реалното попречување на евроинтегративниот процес на Република Македонија, особено по Пресудата на Меѓународниот суд на правдата, од 2011. година. Од македонска страна, цениме дека во рамките на процесот за градење мерки на доверба, треба да се изнајде решение за сите извори на недоверба од двете страни. Иредентизмот не е одлика на Република Македонија, која континуирано се залага за регионална соработка. Цениме, дека истото треба да биде прифатено и од нашиот јужен сосед, посочуваат од МНР.