
Граѓанската иницијатива ЗА ЗАЕДНИЧКА МАКЕДОНИЈА промовираше песна насловена како „Стих за љубов“, која наиде на позитивни реакции.
Да се испее една ваква песна која има обединувачка цел и претставува химна на граѓанската иницијатива ЗА ЗАЕДНИЧКА МАКЕДОНИЈА, според еден од изведувачите, талентираниот Јовче Шиле Пандев, чувството е прекрасно, а честа- огромна.
-Убаво е чувството да се испее песна за Македонија- еден чист, искрен, патриотски текст, прекрасна музика, аранжман… Има многу емоции и во структурата на самиот текст и во интерпретацијата од моја страна и од страна на Марта, апсолутно емоции има на сите страни, истакна Пандев.
Песната, вели Пандев, наиде на позитивни критики.
-Се надевам дека ќе прерасне во евергрин и ќе се пее години и години. Нема никаква причина работите да се политизираат, ова е чиста патриотска песна која се надевам дека ќе ја запее секој Македонец.
Инаку, покрај Јовче Шиле Пандев песната Стих за љубовта ја пее и Марта Костурска.
Музика е на Пол Сајмон, текстот го напиша Александар Русјаков, продуцент е Драган Гиновски- Гино, а аранжман и пратечки вокали- Андријана Јаневска.