
Шведскиот фудбалски интернационалец Златан Ибрахимовиќ е принуден да отсуствува од терените најмалку седум месеци, откако во реваншот во четврфиналето од Лигата на Европа против белгиски Андерлехт тешко го повредил коленото.
Триесет и петгодишниот Златан Ибраимовиќ се повреди во последната минута од натпреварот, при непријатното доскокнување по воздушниот дуел со играч од одбраната на Андерлехт.
Португалскиот менаџер на Манчестер Јунајтед, Жозе Мурињо веднаш по мечот изјави дека првите прогнози се непријатни и оти не е оптимист. „Немам добро претчувство, би сакал да бидам оптимист, но не сум“, изјави тогаш Португалецот.
Негативните претчувство на раководството на „црвените ѓаволи“, за жал, биле потврдени по деталните лекарски прегледи. Според наодите, најверојатно на Ибрахимовиќ му се скинал предниот вкрстен лигамент, поради што ќе мора да оди на операција на коленото и според првичните прогнози ќе биде надвор од фудбалските терени до јануари следната 2018 година.
Повредата доаѓа во најнепријатен момент и Манчестер Јунајтед и за Златан Ибрахимовиќ. Екипата остана без еден од своите најдобри играчи во завршницата од сезоната кога ќе се бори за пласман во Лигата на шампионите, како и за пласман во финалето од Лигата на Европа. Додека, по оваа повреда е неизвесна иднината на фудбалерот. Некои фудбалски стручњаци веќе се огласија со процените оти сметаат дека тоа би можело да претставува крај на неговата играчка кариера.
Ибраимовиќ оваа година постигна 28 голови во сите натпреварувања, а на крајот од сезонава му истекува договорот со Јунајтед. Неодамна клубот му понуди продолжување на договорот за 12 месеци, а исто така имаше и низа финансиски одлични понуди од Кина и САД.