Тилерсон порача дека делувањето на Москва во источна Украина е пречка за подобрување на односите

Американскиот државен секретар Рекс Тилерсон изјавил во телефонски разговор со украинскиот претседател Петро Порошенко во неделата навечер дека наводното дејствување на Москва на побунетиот исток од Украина и натаму е пречка за подобрување на односите меѓу САД и Русија, од што стравуваат во Киев.

Во споменатиот телефонски разговор, кој бил воден по загинувањето на американскиот набљудувач во мисијата на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) во источна Украина, двајцата соговорници истакнале дека е неопходно сите страни, особено побунетите рускојазични региони за кои Западот ја обвинува Москва дека раководи со нив, веднаш да пристапат кон исполнување на договорите од Минск, соопшти портпаролот на американската амдинистрација Марк Тонер.

Претходно во неделата ОБСЕ потврди дека нејзин набљудувач, американски државјанин, загинал во експлозија на нагазна мина на истокот од Украина, како и дека во истиот инцидент се ранети неговите колеги од Чешка и од Германија.

Американскиот набљудувач е првата жртва на Специјалната набљудувачка мисија на ОБСЕ откако таа пред три години беше распоредена во Украина да го надгледува почитувањето на мировниот договор и особено прекинот на огнот и повлекувањето на тешкото вооружување од линијата на контакт меѓу силите на завојуваните страни.

Околу 600 набљудувачи на ОБСЕ се задолжени за контрола дали се почитуваат мировните договори постигнати во белоруската престолнина Минск со учество на Украина, Русија, Франција и Германија. Со нив треба да се запре крвопролевањето кое избувна во април 2014 година, откако доминатните рускојазични региони се побунија по соборувањето од претходната година на претседателот Виктор Јанукович по насилните протести на киевски Мајдан, и откако новите прозападни влсти во Киев ги укинаа правата и овластувањата на регионите.