
Приврзаниците на францускиот левичарски кандидат Жан-Лук Меланшон, кој по првиот изборен круг на 23 април не се пласираше во вториот круг кој ќе се одржи во недела ја отфрлиле во интернет анкета можноста да гласаат за центристот, доскорешниот министер за економија во социјалистичката влада Емануел Макрон.
Само 34,8 отсто од регистрираните гласачи на Жан-Лук Меланшон рекле дека ќе гласаат за Емануел Макрон, 36 отсто се спремни да го поништат своето гласачко ливче, а 29 проценти имаат намера да се воздржат од гласањето, покажуваат резултатите објавени на интернет страницата на Меланшон.
Во анкетата учествувале речиси четири милиони гласачи. Челничката на крајната десница Национален фронт, Марин Лепен не била понудена како опција, истакнуваат од кампањата на Меланшон.
Меланшон ја покрена анкетата по објавувањето на резултатите од изборите во првиот круг кога беше четвртопласиран со 19,6 отсто од гласовите, велејќи дека самиот нема мандат да им кажува на своите гласачи како да гласаат во вториот круг.
Самиот Меланшон, чиишто гласачи сега сакаат да ги придобијат и едниот и другиот кандидат, во неделата оцени дека гласот за Лепен би бил „страшна грешка“. Сепак, тој не ги повика своите гласачи да не излезат на изборите во недела, да не гласаат за ниеден од двајцата, но ниту ги повика да гласаат за Макрон.
Челникот на движењето Непокорна Франција беше остро критикуван од левицата, поради тоа што не ги повика гласачите да го дадат гласот за Марон и така да ја спечи победата на Лепен, уште повеќе затоа што таа по првиот круг се трудела да ја преземе реториката на Меланшон за да ги придобие неговите избирачи.