Русија е важен и конструктивен партнер, истакна Меркел на средбата со Путин

(© РИА Новости . Алексей Никольский)

Русија, природно, е важен партнер изјави германската канцеларка Ангела Меркел пред разговорите со рускиот претседател Владимир Путин во руското црноморско летувалиште Сочи во вторникот, а дополни дека оваа земја е и конструктивен партнер, на заедничката прес-конференција по средбата на којашто било отворено разговарано за низа клучни билатерални и глобални прашања, а која директно беше пренесува на руските медиуми.

Уште на пречекот на германската канцеларка во својата резиденција во Сочи, Путин изрази желба главните теми на разговорите да бидат конфликтите во Украина и во Сирија.

Ова е само втора посета на Меркел на Русија откако во 2014 година црноморскиот полуостров Крим со референдум се присоедини на Руската Федерација, што Западот го смета за нелегална руска анексија на украинска територија. Тоа, како и други прашања, меѓу кои и санкциите против Русија, предизвикаа за остро заладување на односите меѓу порано блиските партнери Путин и Меркел.

Како што изјавија пред новинарите двајца челници, за време на разговорите особено внимание им било посветено на билатералните односи, борбата против тероризмот, ситуацијата на Блискиот исток и спроведувањето на договорите од Минск за украинската криза во која двете земји се јавуваат како покровители на мировните преговори меѓу завојуваните страни.

Билатерални односи

Германската канцеларка Ангела Меркел изрази надеж дека санкциите на Европската унија против Русија ќе бидат симнати при исполнување на договорот познат како Минск-2 за Украина. Рускиот претседател Владимир Путин, пак, не одговори директно само посочи дека Германија останува водечки економски партнер на Русија, „и покрај некои политички тешкотии и осцилации на глобалната економска конјуктура“.

„Русија настојува да изгради соработка со Германија врз принципите на заемна полза, почитување, рамноправност и земајќи ги предвид односите на другиот“, истакна рускиот челник.

Путин, исто така, се осврна и на растот на трговската размена меѓу двете земји и во услови на западните санкции.

„Говорејќи за состојбата во билатералната трговија, со задоволство може да констатираме нов раст на трговската размена. Во периодот јануари-февруари нејзиниот обем се зголемил за 43 отсто. Ќе забележам, да Германија е најголемиот купувач на рускиот природен гас, испораките од Русија покриваат речиси 35 отсто од потребите на германскиот пазар“, додал рускиот претседател.

Во однос на перспективите на соработката меѓу двете земји, Путин истакна дека „соработката не е вид блеф, зад тоа стојат судбините на цели претпријатија и стотици илјади луѓе. И, се разбира, нашата соработка има суштинскиот придонес за стабилизација на светската економија“, рече.

Меркел, од своја страна, истакна дека разговорите со Путин се „интензивни“ и ја нарече Русија „конструктивен“ партнер. Според неа, Берлин и Москва мора секогаш да го одржуваат дијалогот, без разлика на моменталните проблеми.

„Кога разговараме меѓусебно, уште подобро се разбереме, ако се погледне на долгата историја. Исто таа, сите сфаќаме дека секогаш треба да се одржува дијалогот, бидејќи од секој разговор може нешто да се научи“, реле Меркел.

Украинска криза

Како што беше најавено, кризата во Украина и нејзиното решавање била една од главните теми на разговорите во Сочи.

„На неодамнешната средба во потесен формат, како што веќе кажав, зборуваме и за ситуацијата во Украина, којашто предизвикува сериозна загриженост. Со госпоѓа Меркел сме во постојан контакт и со другите учесници во ткн Нормандискиот формат“ (Украина, Русија, Франција и Германија), рече Путин.

Според него, работата во споменатиот формат во врска со ситуацијата во Украина ќе продолжи, а притоа Москва и Берлин ќе настојуваат на строгото спроведување на договорите од Минск.

„Беше договорено дека една од главните задачи ќе биде повлекувањето на силите и опремата на страните вклучени во конфликтот, што ќе овозможи прекин на огнот, и воспоставување директен дијалог меѓу Киев и непризнаените републики, законското регулирање на специјалниот статус на регионите и на таа основа таму да се спроведат избори“, истакна рускиот претседател.

Путин изрази уверување дека нормандискиот формат функционира, но и дека е неопходно „претставниците на киевските власти и на непризнаените републики да се најдат на преговарачката маса“.

„Невозможно е да се постигне решение на конфликтот без директен дијалог меѓу спротиставените страни“, смета Путин.

Според него случувањата на југоистокот од Украина се „резултат од државниот преврат“ и истана дека никој не го одвоил доминантно рускојазичниот регион Донбас од Украина. Путин смета дека тоа е направено со помош на разните блокади од страна на самите украински власти.

„Длабоко сум убеден дека актуелната власт во Киев ја загуби шансата за спроведување на минските договори тогаш кога имаа внатрешнополитички можности за тоа“, констатираше рускиот претседател.

Путин, исто така, рече дека одговорните за смртта на над 40 рускојазични демонстранти во украинскиот пристанишен град Одеса точно пред три години досега не се откриени.

„Меѓународната заедница нема право ниту да го заборави тоа, ниту, пак, да дозволи повторување на таквите варварски злосторства во иднина“, рече Путин алудирајќи на тоа дека жртвите беа засолнати по нападот врз нив во зградата на синдикатите која беше потпалена од приврзаниците на прозападните власти во Киев и многумина загинаа скокајќи од горните катови а некои живи изгореа.

Како што истакна Меркел, примирјето во Украина е од суштинско значење за решавање на конфликтот во таа земја. Го коментираше, исто така, и загинувањето на американскиот државјанин член на набљудувачката мисија на ОБСЕ во Донбас.

„Работата на ОБСЕ е од огромно значење и, се разбира, тажно е што тие луѓе кои работат во полза на де-ескалација на конфликтите станаа жртви на самите тие конфликти. Должни сме да сториме сé за да го решиме овој проблем. За жал, позначителен напредок уште нема (…) Повторно и повторно треба а се каже дека ние е потребно примирје, а потоа да следат политичките чекори (…) Примирјето има суштинско значење“, рече германската канцеларка.

Меркел додаде оти се надева на укинување на санкциите против Русија, но само при исполнување на договореното од Минск за Украина. Притоа, според неа, повикувањето на нов договор за решавање на ситуацијата во Украина е сосема несоодветно.

„Се разбира, сето тоа е поврзано со минскиот политички процес, кој има цел за идното решавање. Сакаме да осигуриме дека Украина ќе добие пристап до својата граница“, додаде канцеларката.

Ситуација во Сирија

Двајцата светски влијателни државници, исто така, разговарале и за ситуацијата во Сирија. Како што истакна Путин, руската страна го повторила ставот и повикот за темелна истраја за настаните во Кан-Шехјун, каде што е употребен боев отров, Западот за тоа ја обвинува сириската влада којашто е руски сојузник, а Дамаск и Москва негираат дека владините сили располагале со и употребиле токсични супстанции.

„Најостро осудуваме каква и да е употреба на хемиско оружје, виновникот за смртта на сириските цивили мора да биде откриен и казнет. Но тоа може да биде сторено само со темелна и непристрасна истрага“, рече.

Путин, исто така, ја коментирал улогата на Русија и на другите земји во решавањето на кризата во Сирија. Според него, најголемото влијание врз претседателот Башар ал-Асад има сирискиот народ, воедно одговарајќи на постојаните повици до Москва да изврши притисок врз него да се повлече од должноста и да не учествува во идниот политички живот на земјата.

„Нашата задача е да се создадат услови за обединување, за прекин на борбените дејствија, за престанување на самоуништувањето, создавање услови за политички дијалог меѓу спротиставените страни“, додаде Путин.

Според него, првиот услов за тоа е прекинот на огнот, а Русија заедно со Турција и Иран успеа да го постигне тоа преку мировниот процес во казахстанската престолнина Астана започнат на почетокот од годинава.

Меркел го поддржа примирјето во Сирија и изрази подготвеност за „уште потесна“ соработка со Русија во борбата со тероризмот.

„Зборуваме, исто така, и за ситуацијата во Сирија. Јас, како сојузен канцелар, истакнав дека ние сакаме да се стори сето она што е можно за да се одржат примирјето, прекинот на огнот, за да им се помогне на луѓето. Ми се чини дека тоа е пристапот кој можеме да го следиме“, рече Меркел.

Собири и изборите во САД

Рускиот претседател на прес-конференцијата ги коментираше и критиките од Западот за наводниот однос на руските правосудни органи кон собирите и протестите на опозицијата. Путин истакна дека институциите дејствуваат во рамите на законот, и порачал дека така и ќе продолжат.

„Ѝ обрнав внимание на канцеларката, а сакам да ви свртам внимание и вам, на тоа дека руските органи за спроведување на законот се повоздржани и полиберални отколку некои нивни колеги во некои европски земји, каде што за растурање на демонстрантите се користат солзавецот и пендреците. Кај нас, фала му на Бога, тоа не се употребува“, рече Путин.

Покрај тоа, Путин уште еднаш пред новинарите истакна дека изјавите за наводно влијание на американските избори претставуваат воопшто и со ништо не потврдени шпекулации, кои се употребуваат во внатрешнополитичката борба во САД.

„И само тоа го прават врз основа на голи претпоставки и во однос на европските земји, вклучително и на наши пријателски земји ако што е Германија. Но тоа воопшто не зачудува“, рече Путин одговарајќи на прашање за обвинувањата на адреса на Русија за наводно мешање во изборните процеси во странски земји.

Според Путин, Русија не се меша во внатрешните политички процеси на други држави, но има искуство за такви обиди кај неа.

„За жал, го гледаме токму спротивното. Во текот на повеќе години ги гледаме обидите да се влијае врз политичките процеси во Русија, и преку таканаречените невладини организации и директно“, констатираше рускиот претседател.