
И денеска, 66- ти ден, огромен број граѓани дадоа поддршка на граѓанската иницијатива ЗА ЗАЕДНИЧКА МАКЕДОНИЈА, застана во одбрана на суверенитетот на државата и категорично бараат нови избори. Ниту дождот, ниту грмотевиците не ги спречија илјадниците граѓани да маршираат по улиците.
-Да живее Македонија. И на дожд и на грмотевици и на што и да треба и до кога и да треба тука сме за неа. По 66 пат чекориме по нашата патека, истакна Богдан Илиевски од граѓанската иницијатива ЗА ЗАЕДНИЧКА МАКЕДОНИЈА.
Насобраните граѓани заедно во еден глас ја испејаа химната и порачаа- да живее слободна, независна и суверена Македонија.
-Претседателе Иванов, се уште не се исполнети условите за давање мандат. Нема гаранции по суверенитетот на Република Македонија и нема легитимен Претседател на Собранието, порача Илиевски од пред Народната канцеларија на Претседателот Ѓорге Иванов.
Тој за него вели дека е последниот бедем, последниот чувар на Уставот, последниот кој ги почитува Законите во оваа земја и го охрабри Иванов да го прави тоа го правел досега.
-Ве охрабруваме да продолжите да го правите тоа што правевте досега, да ги почитувате Законите, да го чувате Уставот и да го браните интересот на граѓаните на Република Македонија. Се додека го правите тоа ќе застануваме тука и ќе ве поздравуваме, истакна Илиевски.