Јуве на чекор до финалето на ЛШ

(© AP Photo/Claude Paris)

Фудбалерите на Јувентус во првиот натпревар од полуфиналето на Лигата на шампионите (ЛШ) како гости во Монте Карло го совладаа францускиот претставник Монако со 2:0 (1:0), со што направија голем исчекор кон пласманот во финалето коешто ќе се игра на 3 јуни во Кардиф.

Стрелец на двата гола беше аргентинскиот напаѓач Гонзало Игуаин во 29 и 59 минута. Реванш натпреварот ќе се одигра на 9 мај во Торино.

Во големиот дуел на најдобрата одбрана и најдобриот напад во Лигата на шампионите, победата му припадна на тимот со гранитна одбрана. Јувентус и по мечот во Монте Карло останува единствената екипа којашто не промила гол во нокаут фазата, додека со двата гола на Игуаин ја прекина серијата на непобедливост на Монако на домашен терен.

Првата голам шанса ја испушти М’пабе во 16 минута, а неговиот удар кој одеше кон самиот долен лев агол ветеранот на италијанскиот шампион Џиџи Буфон го одбрани. Во 29 минута Јувентус поведе од едноставна акција, во која Дани Алвеш со петица ја остави топката за Игуаин кој со прецизен удар го совлада Субашиќ. Хрватскиот голман девет минути подоцна го одбрани слободниот удар на Дибала и тоа беше сето што остана запаметено од сиромашното прво полувреме.

Второто полувреме започна со големата шанса на Радамел Фалкао чиј удар Буфон успеа да го задржи, а на спротивната страна Субашиќ одлично го одбрани обидот на Маркизио од близина. Во 59 минута Јуве дојде до големата предност од 2:0, имајќи предвид дека реваншот ќе го игра пред својата публика, повторно по прецизното проигрување на Алвеш до Игуаин. Во 90 минута Монако можеше да намали и да си создаде макар некаква шанса за вториот меч, но ударот со глава на Жермен од близина Буфон го одбрани.

Претходно во вторникот голем чекор кон Кардиф направи и бранителот на титулата Реал Мадрид кој на својот „Сантјаго Бернабеу“ го совлада градскиот ривал Атлетио со 3:0, со хет-трикот на Кристијано Роналдо. Мадридските клубови реваншот ќе го играат на 10 мај.