Правдата ќе дојде и правда ќе има. Ќе се докаже дека целиот овој театар кој што го прави СДС, СЈО и нивните налогодавци е со единствена цел да се оцрни ВМРО-ДПМНЕ и политичарите кои што ја бранат државата, националните интереси законите и Уставот, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ, на изјавата на Андреј Жерновски.
Поранешниот премиер а сега претседател на најголемата опозициска партија, Никола Груевски, очигледно се крие зад партизираното судство. Верувам дека ова се последните мигови на партизираното судство. Ова судење е доказ дека тој секогаш нарачува насилство и линч на политичките противници, особено од оние од кои губи на избори, изјави градоначалникот на Центар Андреј Жерновски по денешното рочиште за нараќаните насилства во Општина Центар во 2013 година.
Интегрален текст од реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ:
Правдата ќе дојде и ќе ги стигне сите оние како Жерновски, Заев, Шекеринска и сите останати кои одработуваат против Македонија и за тоа ќе одговараат.
Свесни за бруталната политичка хајка, но по завршувањето на сето ова фактурата за извршителите како Заев и СДС ќе ги стигне.
Доколку не се ваквите монтирани случаи, СДС и Жерновски нема по што да бидат актуелни. Жерновски освен по ревносното мудрување по социјалните мрежи, е познат и по својата неработа, и брутално лажење. Неработникот Жерновски е во натпревар за додворување кон СДС поради големата надеж да биде повторен кандидат за градоначалник на Општина Центар.
Жерновски живее и се храни од навреди, лаги и ароганција. Неспособен и незаинтересиран за работа низ целиот свој мандат единствено што нуди е навреди, лаги и голи напади кон опонентите. Со навредите и ароганцијата само ја покрива својата неспособност.
Од него ќе слушнете секогаш погрдни зборови за секој со чии дела и труд не може да се спореди. Таквите луѓе се неговиот кошмар, и огледало во кој самиот го гледа својот неуспех.
Неспособноста, интригаштвото, мрзеливоста и нечесноста ја прикрива со плукање и навредување други.
Во меѓувреме разни шофери, хаусмајстори и слични ликови „оперираат“ без застој и ги полнат џебовите на нивниот самовљубен шеф, кој очајно се труди да изгради добра фасада за својот валкан лик и празна биографија на создадени дела.
Со време, се ќе излезе на виделина.