
Лидерот на СДСМ Зоран Заев пред српските медиуми го призна она за што медиумите во Македонија многу пати пишуваа и предупредуваат досега, дека Специјалното јавно обвинителство работи по негова нарачка.
Во интервјуто за српски Курир, Заев најавува дека СЈО, кое е под негова контрола, во крајот на мандатот ќе поднесе уште неколку обвиненија и ќе отвори нови истраги.
„Со 100 проценти гласови во Собранието избравме Специјално јавно обвинителство и специјален јавен обвинител. Сите материјали јас ги предадов кај нив. Тие досега отворија преку 30 истраги, поднесоа преку 10 обвиненителни акти и во најава се уште 20 нови обвинителни акти, 20 истраги“, вели Заев за српски Курир.
Ваквото признание на Заев само ги потврдува пишувањата во македонските медиуми дека СЈО работи по нарачка и ги исполнува желбите на Заев. Не така одамна македонската јавност можеше да види и пример кога пратеници на СДСМ на колеги од ВМРО-ДПМНЕ им се закануваат да не зборуваат многу против Заев бидејќи СЈО ќе поднесе обвинение.
„По настапот на ТВ Телма со Талат и Оливер Спасовски, и по дискусиите во Собрание деновиве, ми приоѓа еден колега од СДСМ и ми вика ‘ако продолжиш вака да го напаѓаш Заев, по телевизииве и на говорница не ти бега обвинение од СЈО; колку да си знаеш!’ Му кажав и нему, ќе Ви кажам и Вам, бујрум и за Заев и за СЈО, јас ќе продолжам. Подобро да бидам обвинет заради родољубие , отколку да бидам награден за велепредавство“, напиша пред околу еден месец на социјалната мрежа Фејсбук Антонио Милошоски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.
Набрзо потоа СЈО истражуваше дали Милошоски поседува авиони и фирми.
„СЈО продолжува со нарачаниот притисок врз неистомисленици на Аболицираниот. По моите настапи на Топ Тема контра Оливер С. и во Собранието против Заев, Прво стигна предупредување од пратеник од СДСМ дека многу зборам, а сега и истрага од Катица Јанева, која ги бара моите авиони и фирми кои ги немам! Само продолжете, нема да нѐ замолчите. Подобро да бидам обвинет за родољубие отколку да бидам награден за велепредавство“, напиша тогаш Милошоски на Фејсбук.