
И во четвртокот во десетици македонски градови се одржаа протестни поворки против прифаќањето од страна на СДСМ на Тиранската платформа за којашто сметаат дека ќе ја поништи унитарноста на Република Македонија, и побараа нови парламентарни избори на коишто граѓаните ќе се изјаснат за ваквите постизборни калкулации.
Граѓаните на Охрид попладнево излегоа на протест за поддршка на иницијативата „За заедничка Македонија и побараа нови избори. Протестот почна на плоштадот кај охридската гимназија, а продолжи со марш низ улиците во централното градско подрачје.

Гоце Китески во нивно име ги повика сите граѓани на Република Македонија да излезат и да го продолжат делото на Гоце Делчев и неговите идеали за самостојна и слободна Македонија.
Кавадарчани во исто време порачаа дека нема да бидат скршени и оти правдата ќе излезе на виделина. Од градскиот плоштад беа повторени барањата за неприфаќање на Тиранската платформа и зачувување на унитарноста на државата. Пред присутните говореше историчарот Светлана Јосифова, која рече дека нема да се спроведува никаква платформа, се додека се маршира низ улиците на цела Македонија.

„Со ништо нема да не заплашат да отстапиме тие што ги урнисаа уставот и деловникот како во ниедна друга земја, што е недозволиво. Нема да нé скршат. Ги охрабруваме невините и неоправдано притворените и обвинетите луѓе кои само си ја бранеа државата, да издржат бидејќи правдата ќе излезе на виделина. Да можевме и ние над 250.000 луѓе ќе влезевме во Парламентот за зачувување на татковината“, нагласи Јосифова.
Со демократски средства, посочи, продолжува борбата за ова парче земја и нема да се потклекне под никакви закани. Таа повика да му се оддаде почит на великанот Гоце Делчев, потсетувајќи дека пред 114 години, од предавници бил предаден за да биде убиен. Протестите продолжуваат до исполнување на барањата.

Битолчани, исто така, бараат нови избори и граѓаните да се изјаснат за Тиранската платформа. Битолчани повторно излегоа на масовен протест низ улиците во градот со цел да дадат поддршка на Граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, која веќе 67 дена протестира против Тиранската платформа и нејзиното постизборно подметнување пред граѓаните.
Граѓаните на Штип вечерва протестираа низ улиците во градот против Тиранската платформа и дадоа масовна поддршка на Граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, која веќе 67 дена протестира низ целата држава.

Штипјани порачаа дека нема да дозволат да се разнебити Македонија и побараа нови избори на кои граѓаните ќе се изјаснат за Тиранската платформа и нејзиното постизборно наметнување.
Куманово масовно се придружи на барњата за организирање нови парламентарни избори, а поддржувачите на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ од овој град порачуваа дека нема да дозволат разнебитување на Македонија и особено наметнувањето на Тиранската платформа.

Меѓу четириесеттината градови и места во кои по 67-ми ден се мирно се протестираше беше Струмица, чиишто жители порачаа дека нема да застанат, и секојденовно ќе излегуваат во одбрана на државата.
„Историјата е отворен процес кој се пишува секојдневно, а ние Македонците сакаме да пишуваме со нашиот македонски јазик за нашата македонска вистина. Слободата е нашата икона, затоа да не ја испуштаме од рацете“, порачаа вечерва учесниците на протестниот марш на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ што се одржа во Струмица.

Од пред споменикот на Гоце Делчев, на истоимениот плоштад, говорниците се осврнаа на мисијата и визијата на револуционерот, најголемиот македонски син, насочени кон самостојноста на Македонија и нејзината државност.
Учесниците на протестниот марш порачаа дека Македонците не смеат да се срамат од она што е наше, и да не дозволат друг да ја крои совеста и националниот идентитет на граѓаните.
Посочија дека нема да застанат тука и дека ќе излегуваат секојдневно во одбрана на името, знамето, химната и македонските обележја.