
Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, упати писмо со честитка до Емануел Макрон по повод неговиот избор за претседател на Француската Република.
– Ми претставува особена чест и задоволство, од името на граѓаните на Република Македонија и од свое лично име, да Ви упатам срдечни честитки по повод Вашиот избор за претседател наФранцуската Република, со желби за успешно извршување на оваа одговорна функција во полза на просперитетот и благосостојбата на пријателскиот француски народ. Цврсто сум убеден дека Вашата модерна визија и кохезивен карактер ќе претставуваат гарант за натамошен севкупен прогрес на Француската Република, се наведува во честитката.
Претседателот Иванов ја нагласува и цврстата определба на Република Македонија за натамошно зајакнување на пријателските односи, продлабочување на политичкиот дијалог со Француската Република и интензивирање на соработката во сите области од заемен интерес.
– Воедно сакам да ја изразам мојата благодарност за поддршката што Француската Република континуирано и ја дава на мојата земја на патот кон нејзиното целосно интегрирање во европските и евроатлантските структури. Водени од заедничката визија за обединета и просперитетна Европа сакам да Ве уверам дека Република Македонија ќе даде свој полн придонес во заедничките стремежи за демократска и развиена Европа, во интерес на просперитетот, стабилноста и безбедноста на регионот на Југоисточна Европа. Повторувајќи ги моите срдечни честитки и желби за натамошна успешна работа и лична среќа, Ви ги упатувам, господине Претседателе, изразите на моето највисоко почитување, пишува претседателот Иванов во честитката до новозибраниот претседател на Франција Емануел Макрон.