
Рускиот претседател Владимир Путин му го честиташе на Емануел Макрон изборот за претседател на Француската Република, соопшти во понеделникот Кремљ.
„Французите ви доверија Вам да ја водите земјата во сложеното време за Европа и за целата светска заедница. Зголемената закана од тероризмот и екстремизмот ги следат ескалацијата на локалните конфликти и дестабилизација на цели региони. Во ваквите услови особено е важно да се надмине меѓусебната недоверба и да се обединат напорите за обезбедување меѓународна стабилност и безбедност“, се вели во честитката до Макрон од рускиот претседател.
Путин притоа ја потврдува „подготвеноста за конструктивна заедничка работа во однос на актуелните прашања од билатералната, регионалната и глобалната агенда, изразувајќи увереност дека тоа е во согласнот со основите интереси на народите на Русија и на Франција“.
Рускиот челник, исто така, на Макрон на личен плани му постакува „добро здравје, благосостојба и успех на одговорната должност како шеф на државата“.
Основачот на новото движење Напред, поранешен министер за економија и инвестициски банкар, 39-годишниот Емануел Макрон ја победи надмоќно во неделата во вториот круг од француските претседателски избори противкандидатката од крајната десница Национален фронт, Марин Лепен.
Според конечните резултати што ги соопшти Министерството за внатрешни работи по пребројувањето на 100 отсто од гласачките ливчиња, за Макрон гласале 66,06 отсто од гласачите, или за него гласот го дале 20,7 милиони избирачи од околу 47-милионскиот електорат.