
Генералниот секретар на СДСМ Оливер Спасовски денеска најави дека ќе спроведат реформи во полицијата и безбедносните служби со цел таа да стане професионален, модерен и ефикасен сервис на граѓаните.
– Заедно со професионалците, ќе ги направиме потребните реформи преку коишто ќе овозможиме полиција што ќе ги штити исклучиво граѓаните, а не нечии лични, партиски или какви било други интереси, рече Спасовски на прес-конференција.
Тој додаде дека ќе ги подобрат условите за работа на вработените во полицијата и безбедносните служби и ќе ја зајакнат довербата и соработката меѓу полицијата и граѓаните.
Најави враќање на полицаецот – позорникар на улиците во населените места, а во делот на реформите во Управата за безбедност и контраразузнавање се планира собраниска контрола над оваа Управа.
– Само преку деполитизација и декриминализација на полицијата можеме да изградиме професионален и ефикасен безбедносен систем што ќе ја гарантира безбедноста, стабилноста и правната држава, каква што сме одлучни да ја изградиме Република Македонија, истакна Спасовски.