
Изминатите три дена на подрачјето на Скопје во вкупно 27 сообраќајни незгоди три лица се здобиле со тешки телесни повреди, а уште 18 се полесно повредени, додека во десет сообраќајни инциденти предизвикана е само материјална штета, информира Министерството за внатрешни работи .
Во текот на изминатиот викенд се откриени поголем број прекршоци и се санкционирани 11 возачи за непочитување на ограничувањето на брзината на движење, шест возачи за управување возило под дејство на алкохол, 10 возачи кои поминале на црвено светло на семафор и двајца возачи за неотстапување првенство на минување на пешаците на обележан пешачки премини.
Вкупно 25 возачи управувале возило по истекот на важноста на сообраќајната дозвола или без возачка дозвола, а 80 за непрописно паркирани возила. Со помош на специјално возило „пајак“ отстранети се 73 возила.
Одделението за превенција при СВР – Скопје во координација со „Здравствен дом“ на Скопје при Министерството за здраство, од денеска до 15 мај ќе спроведе едукативни работилници во средните училишта на подрачјето на градот Скопје, на тема „Влијанието на алкохолот, дрогата и психотропните супстанци врз безбедноста во патниот сообраќај“ со учениците од III-та и IV-та година.