Евакуирана париската железничка станица Гар ду Норд

(LP/MARINE QUINCHON)

Француската полиција ја евакуираше ноќта кон вторникот железничката станица Гард у Норд во престолнината Париз, пренесуваат француските медиуми.

Патниците не можеле да излезат од возовите, а вооружена полиција влегла во железничката станица, објави електронското издание на весникот Le Parisien повикувајќи се на очевидци.

Според исказите, полициските полицајци вршеле проверка на сите патници кои со супер брзиот воз TVG ноќта кон вторникот допатувале од градот Валансиен на париската Северна станица.

Весникот објави дека еден од членовите на персоналот на возот се сомневал дека во композицијата се наоѓаат тројца „многу опасни мажи“, по коишто претходно француската полиција издала потерници.

Возот од Валенсиен, кој се наоѓа во департманот Нор, допатувал околу 23,10 часот по париско време и во него имало 211 патници.

Париската полиција по извесно време откако беше објавена информацијата за блокирањето на станицата, на социјалната мрежа Twitter ја потврди „проверката“.

Железничката станица Гар ду Норд (Северна станица) е крајната дестинација за многу домашни и меѓународни возови, вклучително и возовите на „Eurostar“ од Лондон.