Министерство за локална самоуправа бара од Парламентот решение за општините

Министерството за локална самоуправа бара Собранието на Република Македонија во најкус можен рок со измени на Изборниот законик да обезбеди законски услови за решавање на настанатиот проблем и законско функционирање на органите на единиците на локалната самоуправа и на локалната администрација.

– Со оглед на настаната состојба поради нераспишувањето на локалните избори и истекот на мандатите на членовите на советите на општините и на градоначалниците на 15-ти мај, како и по одлуката на Уставниот суд да не поведе постапка по иницијативата на Министерството за локална самоуправа со која се оспоруваа член 35 став 1 и член 49 од Законот за локална самоуправа, како и членот 16 став 1 од Изборниот законик, Министерството за локална самоуправа денеска испрати писмено барање до претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, со цел во најкус можен рок да бидат преземени потребните дејствија и мерки со кои би се обезбедило уставно и законско функционирање на органите на единиците на локалната самоуправа, се наведува во соопштението од Министерството.

Тоа го бараат имајќи предвид дека датумот на одржувањето на локалните избори, како и начинот, условите и постапката за избор на членовите на советите и на градоначалниците се уредени во Изборниот законик, а согласно членот 12 став (1) од Изборниот законик актот за распишување на изборите го донесува претседателот на Собранието и со него се определува денот кога почнуваат да течат роковите за извршување на изборните дејствија и денот на одржувањето на изборите.