
СДСМ подготвува изјава за претседателот Ѓорѓе Иванов, кога ќе се одржи средбата засега не е прецизирано.
Социјалдемократите велат дека средбата меѓу Зоран Заев и претседателот Иванов ќе се одржи кога за тоа ќе се создадат услови, објави „Канал 5“
Детали што точно ќе содржи изјавата која треба да гарантира заштита на унитарноста и почитување на Уставот засега не се откриваат.
Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, вели дека тој не би учествувал на средбата. Со сличен став се и од Алијанса за Албанците кои сметаат дека Заев како иден мандатар треба сам да ги даде гаранциите. БЕСА велат дека ќе поддржат изјава дека владината програма ќе биде во рамките на Уставот и законот. Досега не биле разговарано со нив околу содржината на изјавата, но се надеваат дека ќе има меѓупартиски консултации на оваа тема.
Дали ќе бидат дел од владината коалиција дополнително ќе одлучуваат.
Новото парламентарно мнозинство очекува наскоро дека ќе се избере новата влада.
„Се надевам дека со мојот избор за претседател на Собранието, а со тоа и заокружување на конституирањето на Парламентот, а наскоро и со избор на новата влада, ќе создадеме услови за почетокот на процесот со кој како држава, но и како општество, ќе се вратиме на правиот колосек кој води во создавање на функционална држава, со самостојни и функционални институции кои ќе работат пред сѐ во добробит на секој граѓанин“, вели Џафери.
Од ВМРО ДПМНЕ остануваат на ставот дека реализацијата на Тиранската платформа нема да успее бидејќи, како што наведуваат во соопштение, граѓаните не се согласуваат на сметка на државата да се исплаќаат долговите на Заев.